– Во салата на Вуковата задужбина во Белград денеска на македонскиот поет Ристо Лазаров му беа врачени наградите „Кочиќево перо” за зимата 2019, за стихозбирката „Цедена”, како и престижната награда „Кочиќева книга” која се доделува за целокупно творештво.
Наградата на свеченоста ја додели жирито во состав Никола Вуколиќ, директор и главен и одговорен уредник на Кочиќевата задужбина во Бања Лука и Белград, писателот Миљенко Јерговиќ и литературниот критичар Младен Весковиќ.
Во присуство на бројни личности од литературниот и јавниот живот на Белград, за творештвото на Лазаров говореше Вуколиќ, кој истакна дека денес Ристо Лазаров претставува едно од најзначајните имиња на нашиот книжевен простор.
-Мислам дека нема веќе никакво сомнение дека тој со својата целокупна, повеќегодишна книжевна работа, на најубав начин го одбележа изминатиот период во нашата книжевност. Едноставно речено, Ристо Лазаров создаде раскошно книжевно дело, по кое е препознатлив и познат. Благодарејќи и на својата проникливост и писателскиот занает, Лазаров го потврди својот углед и со тоа ја заслужи и овогодишната награда „Кочиќева книга” што се доделува за целокупно книжевно творештво, посочи Вуколиќ.