Доделени признанија за поддржувачите на СОС Детско село – Македонија

 СОС Детско село – Македонија денеска го одбележа 20 Декември – Меѓународниот ден на солидарноста и им додели награди и признанија на своите донатори и поддржувачи за 2019 година.

Покровител на настанот „Едно семејство” беше сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Ѓоргиевска оцени дека во 18-годишното постоење, СОС Детско село – Македонија има постигнато солидни резултати во грижата за децата во ризик. Лично се заблагодари до сите што несебично одвојуваат средства, време, енергија и придонесуваат кон остварувањето на мисијата на СОС Детското село – Македонија.

– Осумнаесет години навистина претставува солиден резултат, особено кога станува збор за нашата држава. Тоа се 18 години грижа за деца. На секое дете му се потребни топол дом и љубов и СОС Детско село – Македонија тоа го обезбедува и навистина сум благодарна, рече Ѓоргиевска. Додаде дека СОС Детско село покрај згрижувачка функција се грижат и за социјална превенција.

Националниот директор на СОС Детско село – Македонија Јулијана Гапо изјави дека СОС Детско село оваа година поддржа околу 460 деца во рамки на сите свои програми и влезе во домот на 250 семејства.

– Нашата мисија и работа е и благодарна и тешка, но без поддржувачите, пријателите, заедницата, не би можеле да го направиме она што го направивме денес. Продолжуваме и понатаму да бидеме посветени се додека има потреба за СОС Детско село и нашите програми, рече Гапо.

Австрискиот амбасадор во нашата држава Георг Вуцас изјави дека децата се иднината на секоја земја и се ранливи затоа им е потребна наша помош. Особено ако, како што рече, овие деца немаат родители или родитителите не можат да се грижат за нив.

Информира дека затоа пред 70 години во Австрија од Херман Гмајнер е основан концептот на СОС Детско село кој обезбедува грижа за децата без родители, нивна заштита и помош. Оваа идеја потоа се раширила низ целиот свет, вклучувајќи го она и во нашата држава.

Амбасадорот Вуцас рече дека освен солидарност потребна е и финансиска помош и затоа изрази благодарност до спонзорите на оваа организација.

СОС Детско село – Македонија се финансира со донации и информираат дека последниве години кај компаниите постои поголема општествена одговорност. Препознаваат интерес од компаниите за нивните проекти, но сметаат дека е потребно уште поголемо учество во рамки на нивната организација.

Треба да знаете
Последни објави