Истражување: Посетата на галерии го продолжува животот

Посетите на театар, музеј или уметничка галерија можат да го продолжат животот. Според истражувањата на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УКЛ), колку почесто се зема доза култура, толку е подобро.

Имено, податоците откриваат дека луѓето кои имаат активен контакт со уметноста, на секои 3-4 месеци или повеќе, го намалуваат ризикот од рана смрт за дури 31 отсто во однос на луѓето кои не го прават тоа. Дури и ако се оди во музеј или театар еднаш или двапати годишно, може да се намали ризикот од рана смрт и до 14 отсто, се вели во студијата.

Истражувањето опфатило податоци од 6.000 лица во Англија, на возраст од 50 години нагоре.

– Иако другите здравствени фактори, како што се пушење цигари, пиење алкохол и вежбањето имаат поголемо влијание на долговечноста, забавата и активностите во слободно време, на кои луѓето не гледаат како на здравствени активности, исто така имаат удел во однос на доброто здравје, изјави Дејзи Фанкурт, професорка на УКЛ и авторка на трудот објавен во списанието „БМЈ”.

Истражувањата траеле 12 години, а анализата на податоци една година. Притоа се броело колку често доброволците-испитаници оделе на концерт, опера, во уметнички галерии, музеј и колку се занимаваат со некаков вид уметност. Од испитувањето било исклучено киното. Користени се и податоци од британската Национална здравствена служба.

Треба да знаете
Последни објави