Европската унија покажа неможност за решавање на косовското прашање, оцени шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Лавров за српски Телеграф потсетува дека дијалогот Белград – Приштина во Брисел замре и дека подолг период нема напредок.
– Во моментов, од наша гледна точка, не постои предуслов за додавање нова динамика за регулирање на косовското прашање. Продолжуваат предизборните хаоси и борбата за власт во Косово. Посредничкиот потенцијал на ЕУ е значително девалвиран, рече Лавров.
На прашањето која е главната пречка, тој одговара дека, очигледно, ЕУ сè уште не е во состојба да изврши влијание врз косовските Албанци, така што ќе им се изврши притисок да користат разумен конструктивен пристап кон преговорите со Србија.
– На пример, од 2013 година, Приштина го саботира исполнувањето на обврските што ги презеде за создавање Заедница на српските општини во Косово. Веќе цела година не се укинуваат дискриминаторските анти-српски царини на српската стока, воведени од косовските власти, рече Лавров.
На прашањето како Москва гледа решение за косовскиот „чвор”, шефот на руската дипломатија одговори дека Русија се залага страните да постигнат одржливо и заемно прифатливо решение засновано врз Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН.
Тој додаде дека решението мора да биде во согласност со меѓународното право и да добие одобрение од Советот за безбедност затоа што станува збор за обезбедување меѓународен мир и безбедност.
Лавров рече дека Русија ќе се согласи само на одлука што ќе ги задоволи и самите Срби.