Почетокот на денешното судење за уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски – „ТНТ”, е одложено два часа со цел адвокатите поставени по службена должност да извршат увид во предметот.
На вчерашното рочиште Судот именува по службена должност адвокати на четворица од обвинетите во предметот ТНТ, по што тие побараа одложување на рочиштето со цел да се запознаат со предметот.
Адвокатите вршеле увид во списите од предметот во текот на вчерашниот работен ден, но не успеале целосно да се запознаат со материјалите.
Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
Денеска од 10 часот беше закажано рочиште за предметот Титаник, кој го водат судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев, но од Судот во текот на вчерашниот ден беше соопштено дека се одложува поради технички причини.
Пред зградата на Кривичниот суд се собрани повеќе граѓани, кои сакале да присуствуваат на денешното рочиште на ТНТ во знак на поддршка на обвинетите, но не им било дозволено да влезат во судница.
За делото се обвинети повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.