Суд во Загреб пресуди дека хомосексуална двојка може да згрижи дете

Управниот суд во Загреб пресуди дека истополовата брачна двојка Иво Шегота и Младен Кожиќ имаат право да бидат згрижувачко семејство. Притоа Судот го поништи одбивањето од надлежниот центар за социјална грижа и Министерството за демографија, кое минатата година им го одби барањето да бидат згрижувачи.

Судот, како што објави „Јутарњи лист”, наложи надлежните служби во рок од 60 дена да донесат нова одлука, овојпат втемелена на домашното и меѓународното законодавство.

– Одлуката на Судот е облигаторна и жалба не е дозволена, така што пресудата е конечна, изјави за „Јутарњи лист” адвокатката на брачната двојка.

На одлуката на судот реагираше и засегнатата двојка. – Пресреќни сме. Како што и кажавме и на судијката, ова е божиќен подарок, на кој не се осудивме да се надеваме, потенцираше Шегота.

Инаку, брачната двојка, веднаш по носењето на Законот за животно партнерство во 2015 година, склопиле животно партнерство и поднеле барање до центарот за социјална грижа да станат потенцијални посвојувачи. Меѓутоа тие се веднаш одбиени, поради што почнаа судска постапка пред Управниот суд, која сè уште трае. Во меѓувреме се пријавиле за згрижувачко семејство и ја минале целата постапка, која вклучува психолошка проценка, родителски вештини, испитувани се нивните мотиви за да станат згрижувачи, а изработена им е и социјална анамнеза за да се утврди поддршка од семејството и околината.

– Сите бевме целосно задоволни, добивме позитивно мислење, сите беа среѓни што ова се случува. Но, од еден момент од центарот веќе не ни се јавуваа. По позитивното мислење требаше да почнеме со задолжителна едукација за згрижувачи, по што требаше да добиеме лиценца за згрижувачко семејство. Одеднаш не можевме да добиеме никакви одговори, а на почетокот на декември 2017 година по писмен пат не известија дека не постојат законски претпоставки за почнување постапка за издавање дозвола бидејќи сме во животно партнерство, појасни Шегота.

Веднаш се жалеле до Министерството за решението од Центарот, но и тоа ја одбило нивната жалба, поради што почнаа судска постапка. Нивната адвокатка во јули 2018 година напиша тужба во која предупредија дека единствен фокус на струката во однос на згрижувачите треба да биде интересот и добробитот на децата, а не половата оријентација на вдомувачите, посебно со оглед на фактот дека потребата за згрижувачки семејства е исклучително голема.

Треба да знаете
Последни објави