Пратеникот Драган Данев од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција читаше цитат од изјава на министерот Дамјан Манчевски, дадена од него како опозиционер:
„Прв и најважен чекор за намалувањето на загадувањето е смената на власта. Само нова и одговорна власт може да го намали загадувањето на воздухот. Само нова и одговорна власт може да го подобри квалитетот на живот на граѓаните“, рекол Манчевски кога бил во опозиција.
„Почитувани граѓани, нова власт добивме, но одговорна, сигурно НЕ! Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, поради алармантната сосотојба во која се наоѓаат државата и граѓаните.
Поради неспособноста, неработењето и негрижата на актуелната власт, предводена од СДСМ, Република Македонија е во центарот на светските медиуми, посочена како најзагадена земја во Европа и една од најзагадените во светот.
Ситуацијата за овие три години откако таканаречените „спасители“ од СДСМ се на власт е влошена и секоја година, секој ден имаме сè поголемо и поголемо загадување на воздухот како никогаш досега, што е потврдено од страна на голем број меѓународни организации и институции. Светската здравствена организација и Европската агенција за животна средина ја оценија состојбата во Македонија како крајно алармантна.
Загрижувачки се и информациите кои кружат во јавноста и во медиумите, дека одредени мерни станици низ државата се исклучени или не функционеираат, а со тоа и граѓаните не можат да се информираат за квалитетот на воздух и случајно или не власта не прави ништо за овие мерни станици да профункционираат.
Изјавите од власта дека не се пробиени границите на загаденост и дека доколку тие граници се пробијат, ќе мораат да спроведуваат мерки се неискрени бидејќи гледаме дека нивните мерки се само препораки до граѓаните да останат дома и да не излегуваат надвор.
Ова е крајно неодговорно и манипулативно!
Ние како пратеници во Собранието на Република Македонија избрани од граѓаните имаме обврска да алармираме за ваквата состојба и да го заштитиме здравјето на граѓаните. Токму затоа, поднесуваме Информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија со цел за овој проблем да се дебатира и да се реагира, односно да се дефинираат итни мерки кои морат да се преземат за заштитата на здравјето на граѓаните, подобрување на воздухот со крајна цел конечно спречување на загадувањето на воздухот и на разобличивање на неспособноста на власта предводена од СДСМ“, рече Данев.