Пратеничките од зелената партија ДОМ поднесоа измена на Законот за управување со отпадот, со што се забранува увоз на отпад како извор на енергија.
Како што велат од оваа политичка парија, на ваков начин ќе се отстрани загадувањето на воздухот, кое потекнува од горење на увезениот отпад што се употребува во индустриски капацитети како енергент во производниот процес.
Нагласуваат дека ова е барање и на граѓанските екоактивисти, кои укажуваат на зголемено загадување во непосредна близина на вакви индустриски постројки.
„Иако постојниот закон е, генерално, во согласност со Базелската конвенција за отпадот, праксата покажа дека имаме недостиг од ефикасен систем на контрола и управување со отпад. Со овие проблеми мора сериозно да се зафатат Управата за животна средина, која ги издава А-интегрираните дозволи, како и Државниот инспекторат за животна средина, кој ги контролира индустриските постројки“, се наведува во партиското соопштение, во кое се додава дека треба да се направи ревизија и на А-интегрираните дозволи и на начинот како се врши контролата во индустријата, со цел да се отстранат пропустите во системот.