Премиерот Заев од Охрид: Новиот објект на Зелениот пазар значи модернизирање на условите за пазарџиите и подобрување на услугите за граѓаните и компаниите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на покана на градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиескиденеска се обрати на настан по повод новиот објект на Зелениот пазар во Охрид.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
„Mи претставува мене посебно задоволство и чувствувам голема радост, што денеска, сме овде во Охрид за новиот објект на Зелениот пазар, кој одговара на потребите на пазарџиите со капацитет за 190 нови тезги уредени по современи хасап стандарди.
Согласно стратешките определби за развој и унапредување на Локалната самоуправа, новата административна и деловна трговска зграда во која се содржи и нов затворен зелен Пазар, се изгради преку формирање на Јавно-приватно партнерство, помеѓу Општина Охрид и АД Илинден Струга.
Овој нов прекрасен објект има површина од 6779 м2, што значи модернизирање на условите за работење на Зелениот пазар, исполнување на стандардите за трговија со земјоделски и прехранбени производи и подобрување на услугите на граѓаните и компаниите од подрачјето на Општина Охрид и охридскиот регион.
Со соодветни решенија со пристапни рампи, овој современ објект ги исполнува и условите за пристап на лицата со посебни потребни.
Освен за трговија и снабдување, пазарите отсекогаш биле места за средба помеѓу трговците и еснафите. И денес тоа се модерни центри за среќавање на нови иницијативи и договори за заеднички бизниси, главно на сопственици или менаџери на малите и средни бизниси.
Во локалните заедници тоа се движечките трговски и економски субјекти кои ја заслужуваат целата поддршка.
Оваа Влада го обезбедува токму тоа, и ќе продолжи да им дава поддршка во работата затоа што тоа дава реалност и очекувања за нашите граѓани. Таквите економски политики даваат резултати со зголемување на личната потрошувачка, што за овие семејни бизниси ќе значи и зголемување на профитот.
Она што е важно за малите и средните претпријатија е дека оваа година казнената политика се смени, казните се правични и сразмерни, намалени согласно големината на фирмите и нема никогаш повеќе да го загрозуваат работењето и опстанокот на малите фирми и нема да го отежнуваат животот на граѓаните.
Исто така овие денови почна и супституцијата на придонесите за покачување на платите. Најголеми ефекти имаме токму преку малите и средните бизниси. Апелирам да ја користите таа мерка,односно сосекое зголемување на платата на вашите вработени државата ги плаќа придонесите.
Го слушнавме и гласот и реакциите на граѓаните трговци на зелените пазари и затоа на претпоследната седница на Владата донесовме одлука да престане важноста на Законот за трговија на зелените пазари.
Прифативме дека примената на овој закон ќе предизвика социјални и финансиски последици за трговците на зелените пазари, и дека ќе се одрази на поширок сегмент на засегнати граѓани. Затоа ја донесовме оваа одлука во интерес на граѓаните. Продолжуваме заедно со Коморите, лиценцирајќи ги сите коишто сакаат да добијат лиценца, да градиме ново законско решение низ дебата којашто ќе биде усогласена со граѓаните, пазарите и трговците.
Почитувани,
Сакаме да се врати оптимизмот кај граѓаните, да се интензивира потрошувачката која на малите трговци и компании ќе им ги врати инвестициите и ќе им донесе и заработувачка.Малите и средните претпријатија се двигатели на нашето општество. Ова јавно/приватно партнерство е доказ дека може јавниот партнер да се здружи со приватниот партнер и да добија двете страни. Градот и Општината да добие современ Зелен пазар, деловни простории, а приватниот партнер да добие деловен простор, за којшто се надевам двете страни за брзо време ќе ја вратат својата инвестиција и преку тоа да отворат многу нови работни места.
Нека е за многу години и со успех, здравје и среќа да се користи овој убав објект.
Благодарам“.