Нов бран пожари во Австралија

– Во делови на Австралија, поради екстремните температури, објавени се итни предупредувања за пожари во Нов Јужен Велс, поголемите делови на Сиднеј, Викторија и Јужна Австралија.

Некои главни патишта околу Сиднеј се затворени, а властите ги повикаа луѓето да ги одложат патувањата за божиќните празници, предупредувајќи на непредвидливоста на пожарите поради силниот ветер што достигнува брзина и до 70 километри на час.

– Температурите над 40 степени Целзиусови и силниот ветер создадоа катастрофални услови што доведоа до ширење на пожарите, рече шефот на противпожарната служба во погодените области.

Околу 100 пожари денеска гореа во Нов Јужен Велс.

Само неколку дена пред Божик, локалната полиција ги предупреди луѓето да избегнуваат патувања во текот на денот, бидејќи патиштата најверојатно ќе бидат затворени.

Откако загинаа двајца пожарникари, врз чие возило падна дрво во четвртокот, соопштено е дека едно лице е пронајдено мртво во Јужна Австралија, додека друго било тешко повредено.

Во Викторија властите соопштија дека се ангажирани 142 пожарникари.

Австралија веќе неколку недели се справува со пожари во кои се уништени повеќе од 700 домови и речиси три милиони хектари низинска вегетација.

Треба да знаете
Последни објави