Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа на прашањето дали доколку победи на изборите ќе биде премиер на Северна Македонија одговори дека би бил лажливец ако каже дека тоа нема да биде така, но нагласи дека истовремено никој не може да му забрани да каже дека е е од Македонија, дека е Македонец и говори македонски јазик.
-Ако инсистираме на тоа и се надмудруваме дали ќе биде вака или така, тогаш би бил лажливец да кажам дека нема тоа да биде така, меѓутоа истовремено никој мене на таа маса не може да ми забрани да кажам дека сум Христијан Мицкоски од Македонија, којшто е Македонец и говори македонски јазик, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Не можеме да ја игнорираме реалноста, но ќе се бориме да ја промениме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за Радио Слободна Европа.
-Тоа сум го зборувал многу пати во минатото, можам да го повторам и по стоти пат, но мислам дека би било дволично ако ние зборуваме за нешто што е спротивно на таа реалност. Јас сум професор на Универзитетот што е дел од образовниот систем на оваа држава. За жал резултат на капитулантскиотдоговор што го направи Зоран Заев и денеска таа е реалноста, и јас практично предавам во образовниот систем при Министерството за образование, кое е дел од Владата на државата со новата придавка. Плата земам од Министерството за финансии коешто е дел од Владата на државата со новата придавка, вели тој.
Во врска со можноста за коалицирање со ДУИ, доколку ВМРО-ДПМНЕ победат на изборите, Мицкоски нагласува дека имаат принципиелен став дека ќе коалицираат со секоја политичка партија која ќе ја прифати нивната платформа, односно политичка програма.
-Ќе седнеме, ќе разговараме, ќе преговараме и зошто да не и ќе коалицираме. Немаме преференци кон ниту една, имаме релации со сите политички партии коишто се претставници на Албанците, имаме со политичките партии коишто не се претставници на Албанците, туку на другите етникуми итн, така што ќе имаме програма на масата и ви за ви таквата програма, доколку најдеме точка на поврзување, зошто да не, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега не е задоволен од тоа како се води истрагата за Рекет и смета дека има класична злоупотреба и прикривање на вистинскиот инспиратор и сценарист во целиот овој случај.
-Но наскоро, ако гледаме дека овој процес дивергира од реалноста, јавноста ќе биде сведок на тоа што всушност се случувало, рече тој.