Животното искуство на Луај Арафе се чини поинакво од судбините што сме ги слушнале за луѓето што ги напуштаат своите домови поради војна или кои било други причини, но сепак тажната нишка е неизбежна и во неговата приказна. Арафе на осумгодишна возраст се сретнува со ужасите на војната, додека на 10 години ја напушта татковината речиси без ништо.
Арафе денес е 18-годишно момче, кое работи во едно кафуле во Старата чаршија во Скопје. Во разговор со екипата на МИА ја раскажа својата приказна, предизвиците со кои се соочувал и како се случило да дојде да живее токму тука, во Скопје. Ни кажа дека потекнува од главниот град на Сирија, Дамаск, но и дека покрај неговите патешествија неговиот сон е еден ден да се врати во својата татковина.
Две години откако почна граѓанската војна во Сирија, Луај заедно со брат му, сестра му и неговите родители во 2013 година заминуваат од Сирија. Семејството Арафе заминува од Сирија откако таткото на Луај шест месеци поминал во затвор.
– Тоа беше навистина стресен период за осумгодишно дете и општо за сите во семејството. Шест месеци додека татко ми беше во затвор ние немавме никакви информации за него, не знаевме дали е воопшто жив. Кога го пуштија од затвор веднаш ја напуштивме Сирија, без ништо и се упативме кон Египет, истакна Арафе.
Од Сирија речиси не земале ништо со себе. Тој нема ниту една фотографија од неговото детство. Семејството Арафе пристигнува во Египет, каде претстојуваат четири месеци, а потоа се населуваат во Дубаи.
Неговите сеќавања за Сирија се прилично потресни.
– Нашата куќа има поглед на целиот град и гледавме како паѓаат бомби. Целиот тој период го паметам како тежок и стресен, посочи Арафе.
Четири година откако семејството Арафе заминува од Сирија, во 2017 година пристигнуваат во Скопје. Помошта ја добиле од неговиот чичко, кој им обезбедил легален престој и живеалиште.
– Кога пристигнав тука не познавав никој, не го говорев македонскиот, а ниту англискиот јазик, па ми беше тешко да се навикнам на начинот на живеење и културата. Таму имав роднини и многу пријатели. Но, сепак Скопје ме потсетува малку на Дамаск, пред се улиците и градбите, рече Луај.
Сега тој студира стоматологија на еден од универзитетите во Скопје и истовремено го учи англискиот и македонски јазик, а малку зборува и албански јазик. Покрај студирањето, тој за време на викендите работи во кафуле бидејќи сака финансиски да придонесе за семејството.
И покрај тоа што е задоволен од животот во Северна Македонија, сепак се уште тагува за Сирија.
– Со своите роднини и пријатели од Сирија комуницирам двапати неделно преку социјалните мрежи, вели Арифе за МИА.
Тој додаде дека кога ќе заврши војната во Сирија сака да се врати во Дамаск.
– Сакам да се вратам во Дамаск, ми недостига Сирија. Таму се моите роднини и пријатели. Пред три години бев две седмици во Сирија. Ги видов сите блиски луѓе и беше навистина убаво чувство. Но, градот претрпел голема штета, имаше многу војска и полиција. За среќа нашата куќа не беше оштетена, наведе Арифе.
Тој додаде дека „неговиот сон е еден ден да може повторно да се врати во татковината и да биде успешен во својата професија”.
Во Северна Македонија во текот на 2019 година (1 јануари – 30 ноември), според податоците на МВР, 447 лица, од кои 50 Сиријци, побарале азил.