Мнозинството граѓани се задоволни од квалитетот на услугите кои што ги добиваат од јавната
администрација но сметаат дека бројот на вработени под државна капа треба да се намали. Вакви
резултати дава последното истражување на јавното мислење кое по нарачка на Детектор го
спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 48,2% од анкетираните велат дека се задоволни од квалитетот на услугите кои ги
добиваат од јавната администрација. Висок е бројот на граѓани кои што се незадоволни од
квалитетот на услугите. Ваков став имаат 41,3% од анкетираните.
Најголем дел од граѓаните или 17,6% најчесто потреба од некаква услуга имаат во единиците на
локалната самоуправа. 8,7% најчесто контактираат со МВР, 7,7% со Агенцијата за катастар и по
нешто повеќе од 6% со Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување.
Очекувано, овие институции предизвикуваат и најголемо задоволство, односно незадоволство кај
граѓаните.
Па така на прашањето во кое граѓаните може да одберат било која од институциите од кои што се
најзадоволни, 9,9% ги одбрале општините, 7,5% МВР и 3,6% УЈП. 3,2% се определиле за Агенцијата
за катастар а 3% за Фондот за здравствено осигурување.
Бидејќи најчесто се користат нивните услуги, општините се на врвот и кога станува збор за
институциите од кои граѓаните се најнезадоволни. 9,1% од анкетираните како институција од која
се најнезадоволни ги одбрале единиците на локалната самоуправа, 5,2% се најнезадоволни од
Агенцијата за вработување а 5% од Центарот за социјални работи. 4,6% најголемо незадоволство
имаат од искуството со јавната администрација во МВР, а 3,7% со Агенцијата за катастар.
Повеќе од половина од граѓаните или 51,7% сметаат дека бројот на вработени во јавната
администрација треба да се намали. 15,5% мислат дека се потребни уште вработувања додека
18,4% се на ставот дека бројот на вработени во државните институции треба да остане ист.
Анкетата на Детектор покажува дека граѓаните кои имаат повисоки примања очекуваат помал
број на вработени во јавната администрација. Па така, 52,6% од граѓаните кои имаат примања
пониски од 20.000 денари сметаат дека бројот на административци треба да се намали за разлика
од над 60% кои се со примања над 40.000 денари месечно кои се на став дека потребно е за
државата да работат помал број на луѓе.
Близу две третини од граѓаните на вработувањата во јавниот сектор пред избори гледаат како на
предизборна манипулација. Ваков став делат 62,6% од анкетираните наспроти 14% кои сметаат
дека вработувањата пред избори се реална потреба на државата.
Оваа бројка е уште поиздиференцирана кога станува збор за ставот на младите. Дури 71,9% од
нив во вработувањата во јавниот сектор пред избори гледаат предизборна манипулација
наспроти 12% кои се на став дека тоа е реална потреба.
Анкетата на Детектор покажува дека најголем број граѓани очекуваат дигитализација на услугите и
намалување на бројот на вработените.
51% од анкетираните сметаат дека реформите во јавната администрација треба да бидат насочени
кон дигитализација и намалување на бројот на вработени, наспроти 31,6% кои велат дека
очекуваат реформите да се движат во насока на обуки и нови вработувања.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена
телефонски во периодот од 16 до 19 ноември врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници
со маргина на грешка од плус – минус 3%.