Предлог ДУП-от Ј03 Блок 7, за потегот околу Трнодол и дел од Козле ќе биде ставен на повторна Јавна презентација и Јавна анкета во првата половина на 2020 година. Во јавноста кружат неосновани обвиненија дека ДУП-от за Трнодол и дел од Козле, ќе биде донесен на следната седница на Советот на Општина Карпош, што е апсолутно неточно.
Целиот процес ќе продолжи да се одвива отворено како и до сега, а на барање на жителите, Јавната презентација ќе се одржи во подобри просторни услови. На тој начин, се надеваме дека ќе ги мотивираме нашите сограѓани да дојдат и да се информираат за новиот Предлог – ДУП.
Повторно, истакнуваме дека овој Предлог – ДУП не предвидува никакви нови населби или уништување на зеленилото. Целосно е заштитен зелениот појас и истиот ќе добие намена Д2 односно заштитно зеленило. Намалена е катноста на објектите, а спорната Јужна обиколница со новиот ГУП ќе биде целосно избришана. Во овој ДУП истата се предвидува единствено од технички аспект, заради законски нужното усогласување со посточекиот ГУП.
Со новиот Предлог – ДУП се воведуваат и дополнителни мерки за максимална безбедност на теренот. Имено, Предлог ДУП-от предвидува задолжителни геомеханички испитувања на теренот, заштита на земјиштето со потпорни ѕидови и шипови пред почеток на било каква градба. Само за илустрација, веќе постоечкиот ДУП кој сега е на важност, воопшто не ги содржи овие дополнителни мерки кои би се однесувале за објектите под Трнодол (позади „Макпетрол“).
Апелираме до граѓаните да бидат спокојни во однос на безбедноста и ефектите кои може да ги има градењето врз истата.
Завршено е времето кога ДУП-овите се носеа на сила, далеку од очите на јавноста! И покрај големиот број на лажни информации и напади, ќе продолжиме транспарентно да го водиме овој процес и ќе ги искористиме сите легитимни средства, за да им овозможиме на нашите сограѓани подобар увид во Предлог – ДУП-от.
Новата Јавна анкета повторно ќе трае и по завршување на работното време на граѓаните, за да се овозможи поголема видливост на ДУП-от и да ги процесираме нивните забелешки преку анкетните листови.
Во меѓувреме, на веб страната е достапен графички и текстуален дел од овој ДУП, каде што сите страни можат да се уверат во горепосоченото.
Насилството и агресијата не смеат да бидат одлики на една од најразвиените општини во нашата држава, Општина Карпош. Затоа ќе продолжиме процесот да го водиме низ призма на транспарентност, дијалог и соработка со сите вклучени чинители.