Во Индија денеска продолжија судирите меѓу полицијата и демонстрантите кои се противат на новиот закон за државјанство, а премиерот Нарендра Моди за тоа ја обвини опозицијата.
Од почетокот на протестите минатата недела, вкупниот број жртви се зголеми на 20, соопшти локалната полиција.
Противниците на Законот за државјанство тврдат дека тоа претставува продолжување на националистичката политика на премиерот Моди и оти неговата Влада на тој начин се обидува да ја приближи Индија до хиндуистичка земја, задавајќи голем удар врз долгогодишната посветеност на Индија за секуларна демократија.
Премиерот Моди, пак, го искористи собирот на неговата националистичка хиндуистичка партија за да го брани законот и притоа ја обвини опозицијата дека ја турка земјата во „психоза на страв”.
За да се задушат протестите, властите блокираа патишта, го прекинаа интернетот и телефонските комуникации и ги заострија ограничувањата за демонстрациите во државата Асам во североисточна Индија, каде започнаа протестите минатата недела, откако Парламентот на 11 декември го усвои спорниот Закон.
Новиот Закон важи за хиндусите, христијаните, сиките, будистите, парсите и џаинистите, кои се нелегални во Индија, а во земјата се откако избегале од прогонствата во Бангладеш, Пакистан или Авганистан, земји со мнозинство муслимани. Законот не важи за припадници на муслиманските малцинства како рохинџи, кои беа прогонувани од соседен Мјанмар.