Видео снимката емитувана на социјалните мрежи, беше сигнализирана стотици пати до платформата Фарос, која се бори против кибер-криминалот во Франција. Но во исто време, еден млад човек, претставен како „хакер”, успеал да ги пронајде осомничените за злосторството, јави дописникот на МИА.
Социјалните мрежи се разгореа од петокот вечерта, само неколку часа по објавувањето на видеото на кое се прикажува силување на тинејџерка. Според полициски извори, настаните се случиле во четвртокот во една зграда во Морсанг-сур Орж, во Есон.
На Твитер, корисниците се обратија до полицијата. Неколку стотици од нив го сигнализираа криминалното видео на Фарос (платформа за усогласување, анализа, вкрстена проверка и ориентација на извештаите), платформа на Министерството за внатрешни работи формирана пред околу десет години. Триесет полицајци работат за овој интерфејс, на кој може да се пријават сите незаконски содржини за кои може да се дознае преку Интернет. Инспекторите потоа одлучуваат за евентуалното отворање истрага.
Весникот Паризиен денес објави дека еден 16-годишен млад човек успеал, искористувајќи ги видео-податоците, да идентификува еден од осомничените за силување. Овој хакер, кој живее во Дуб, на другата страна од Франција од местото каде што се случи злосторството и кој на Интернет се нарекува себе си „Кобз”.
– Правдата зема премногу време во овој вид на случаи, изјави тој за весникот.
– Со мојот метод, барем, не се одолговлекува. Во петокот навечер, тој мислеше дека официјално идентификувал еден од двајцата тинејџери и им го открил својот идентитет на своите претплатници. Но тоа претставува нелегална практика.
– Во демократијата сите подлежат на правда, но никој не може самиот да дели правда, реагираше во Ле Паризиен, Кетрин Шамбон, заменик директорката за борба против компјутерскиот криминал од судската полиција.
Според неа, „овој вид на однесување подлежи на кривично гонење. Тоа може да претставува попречување на правдата или ако е придружено со одмазда, наликува на напад, повредување, дури и обид за убиство”.
Истата вечер, еден од двајцата малолетници, виновни за силувањето, сам се пријавил во полицијата и го признал делото. Во текот на ноќта, неговиот соучесник беше уапсен. И двајцата беа обвинети за „силување во група” и „снимање и емитување насилни и понижувачки слики”. Тие беа ставени во притвор синоќа.
Во саботата, националната полиција објави порака во која им се заблагодарува на корисниците на Интернет за нивната мобилизација што овозможи да се уапсат „двајцата сторители на наводното силување и објавување на видео”. „Тоа ни помогна многу”, призна извор близок до изтрагата.