Бојан Јовановски- Боки 13 по пет часа поминати во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција доби решение за завршена истрага во случајот за работата на неговата невладина организација “Меѓународен сојуз“. Тој и во петокот даваше исказ пред обвинителката Вилма Рускоска, а излезе од обвинителството по седум часа.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека неговиот исказ, не случајно бил толку долг и дека Јовановски ја кажал целата ноторна вистина поткрепена со факти и докази.
Тој не одговори на новинарското прашање дали во неговиот исказ биле споменувани и некои други лица за кои јавноста не знае дека биле вмешани во овој случај.
-За секој основ, за секое зборче што стои во наредбата за спроведување на истрага се произнесе со мноштво факти, не со рекла-кажала, мислам дека неговиот исказ беше корисен, целосен и сеопфатен, рече Дуковски.
Тој не сакаше да ја коментира ниту изјавата на осомничената Јасна Мандиќ која рече дека Боки 13 ја довел во заблуда. Дуковски уште еднаш кажа дека здравјето на Боки 13 е катастрофално и според него, тој неколку пати повраќал додека бил во Обвинителство.
Јовановски како првоосомничен се терети за две дела – измама и перење пари. Осомничен е и Меѓународниот сојуз чиј претседател е тој. Јасна Мандиќ, пак, која е заменик-претседателка на невладината се терети за помагање во двете дела. За истото осомничени се и таткото на Боки, Миле Јовановски, и асистентката Христина Блажевска.
На листата осомничени е и пратеничката Фросина Ременски за помагање во делото измама. Таа, пак, по распитот рече дека очекува постапката против неаа да биде запрена и дека станува збор за параполициска местенка.
Според обвинителството, Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра.