Државјанка на Кина која не е во брак поднесе тужба против болница која ја одбила да `и замрзне јајце клетки, поради нејзиниот брачен статус. Се работи за прв ваков случај на борба за репродуктивни права во Кина, објави „Ројтерс“.
Според кинескиот закон за потпомогнато оплодување, само брачни парови смеат да користат такви медицински услуги, и мораат да предадат доказ за нивниот брачен статус.
Триесет и едногодишната Тереса Кси минатата година отишла во болницата во Пекинг за да ги замрзне своите јајце клетки, бидејќи во тој момент била сконцентрирана на кариерата како спасителка. Квалитетот на јајце клетките опаѓа со стареењето и претставува проблем при зачеток во повозрасна доба. Поради тоа, со помош на медицинска постапка на замрзнување јајце клетки, може истите да се употребат подоцна.
Кси рекла дека на првата посета на болницата, докторот ја прашал за нејзиниот брачен статус и ја убедувал да роди сега наместо да замрзнува јајце клетки. За време на другата посета ја информирал дека не може да продолжи со постапката.
„Дојдов таму за професионален третман, а наместо тоа добив убедување да ја оставам на страна својата кариера. Во ова општество и култура веќе бев изложена на преголем притисок“, рекла таа.
Од болницата одбиле да коментираат за „Ројтерс“.
Брзорастечката кинеска економија создаде услови за жените кои не се во брак за да можат да станат финансиски независни, но истото не вреди за државната политика и медицинските услуги.
„Ова е системски проблем, бидејќи системот ги доведува немажените жени во тешка положба“, додала Кси. Таа рекла дека размислувала и да замине во странство и да ги замрзне јајце клетките, но `и било прескапо. Смета дека нејзиниот случај на суд ќе трае неколку месеци.