Судењето на СПЦ поради педофилија започнува на 17 јануари во Лондон

Првото рочиште за тужбата поднесена од група граѓани против Српската православна црква (СПЦ) поради педофилија и сексуално насилство ќе се одржи на 17 јануари 2020 година, пред Високиот суд во Лондон, пишува весникот „Денес”.

Во поканата за судењето се наведува дека рочиштето ќе почне во 10:30 часот по локално време, на 17 јануари, иако првично требаше да се одржи на 19 февруари. Засега станува збор за шест тужби, а во текот на постапката ќе бидат додадени и други што се во фаза на подготовка.

Бојан Јовановиќ, поранешен ѓакон и еден од обвинителите, потврди дека судењето ќе почне и додаде дека педофилијата и сексуалната злоупотреба на некои свештеници во СПЦ веќе се докажани и од страна на Црквата.

Во 2015 година, Јовановиќ објави дека владиката Василиј Качавенда сексуално го вознемирувал и барал да му донесе момчиња.

Според наводите на жртвите, злоупотребата се случила во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, но шестмина оштетени – двајца ѓакони, две жени, како и семејството на 19-годишен студент, кој почина во 1999 година, чија мајка за неговата смрт го обвинува пензионираниот владика Василиј Качавенда, правда побара во Лондон, бидејќи сметаат дека нема да ја добијат кај домашните судови.

Треба да знаете
Последни објави