Интегрален текст од прес конференција на Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
„Роднините на функционерите на СДСМ и бизнис партнерите на фамилијата Заеви се имаат уклучено на најјако во грабање на државни тендери со огромни суми. Денес ќе ви презентираме крајно сомнителен тендер во која е вмешан близок роднина на висок функционер на СДСМ.
Имено, се работи за тендерот распишан од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за Извршување на патни работи во зимски услови, и тоа за територија на подрачјето на Штип за сезоната 2019-2020 година. Ни помалку ни повеќе, најповолен понудувач за овој тендер, на кој вредноста може да достигне и до повеќе од 300.000 евра е синот на генералниот секретар на Собранието од редовите на СДСМ – Цветанка Иванова.
Зоран Иванов, син на Цветанка е сопственик на фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица, а воедно истиот Иванов е и бизнис партнер на Трајче Заев во фирмата „ОМНИ ГРАДБА“ ДОО Струмица која се занимава со градежништво. Многу е нејасно, чудно и симптоматично како баш оваа фирма предводена од синот на Иванова и бизнис партнер на Трајче Заев го доби токму овој тендер и тоа под исклучително сомнителни околности.
Зошто сомнителни? Податоците говорат дека кога одлуката за избор е донесена на 08.11.2019 година, согласно електронскиот сајт за јавни набавки, нашите информации говорат дека токму во тој период фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица не ги исполнувала основните услови за добивање на тендерот кои се барало, односно не ја поседувала потребната механизација.
Во тендерската документација се бара копија од валидна сообраќајна книшка и изјава со опис за техничка опрема која економскиот оператор ја има на располагање за извршување на оваа набавка за тоа дека понуденото возило односно градежна машина е со валидна сообраќајна книшка, и ги задоволува во целост карактеристиките дадени во Техничката спецификација од постапката.
Нашите информации говорат дека дури после две недели, Зоран Иванов и фирмата „ДИКОР ЦД“ ја набавиле од грчка фирма потребната механизација и тоа под закуп. Машините се со грчки регистарски таблици и со налепници од грчката фирма сопственик. Ова не потсетува на случајот каде камионите на Вице Заев возеа за „СВ ИНВЕСТ“ во РЕК Битола.
Прашуваме, дали најпрвин е добиен тендерот од страна на Зоран Иванов, а дури потоа е обезбедена целокупната механизација ?Дали однапред се знаело дека тендерот ќе го добие токму синот на Цветанка Иванова и бизнис партнер на Трајче Заев? Дали возилата ги исполнуваат потребните стандарди согласно тендерската документација и важечки закони, а пред се дали ги исполнуваат еколошките стандарди?
Дали надлежните институции знаеле за овие сомнителни работи и молчеле? Кој ќе ја сноси одговорноста? Граѓаните очекуваат одговори и тоа веднаш! Очигледно е како се располага со државните пари и како се слеваат истите во џебовите на функционерите на СДСМ.
Што побрзо си замине оваа криминално – рекетарска банда од власт, толку побрзо Македонија ќе може да тргне напред. Потребна е обнова на Македонија и обновата доаѓа по 12-ти април.“