Скопска бизнисменка затаила над 72.000 евра данок

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицето М.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Фимал Ком” ДООЕЛ Скопје, како и правното лице „Фимал Ком” ДООЕЛ Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело даночно затајување.

Пријавената М.С. во својство на управител и сопственик на пријавеното Друштво за градежништво, трговија и услуги „Фимал Ком” ДООЕЛ експрт-импoрт Скопје, во периодот од 01.01.2013 до 31.12.2018 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, присвоила лично за себе парични средства подигнати од банкарската сметка на пријавеното правно лице на име материјални трошоци во износ од 44.444.194,00 денари.

За овие финансиски средства, соопштија денеска од Управата за финансиска полиција, во сметководствената евиденција не доставила доказ за нивната економска оправданост, не ги внела во задолжителните даночни биланси како даночно непризнати расходи, кои во име на пријавениот правен субјект ги поднела до Управата за јавни приходи и на тој начин пријавените затаиле данок на добивка во вкупен износ од 4.444.419,00 денари.

– Пријавената М. С, во својство на управител на пријавеното правно лице, „Фимал Ком” ДООЕЛ Скопје во 2018 година, до Управата за јавни приходи во име на пријавеното правно лице „Фимал Ком” ДООЕЛ Скопје, поднела задолжителни ДДВ пријави, во кои искажала ДДВ во износ од 9.339.144,00 денари, но истото спротивно на законските прописи воопшто не го уплатила и покрај фактот што пријавеното правно лице било ликвидно, односно паричните средства наменети за плаќање на обврските по основ на ДДВ. Во голем дел биле подигнати од банкарската сметка на пријавениот правен субјект и истите биле присвоени од страна на пријавената М.С. за свои лични потреби, на кој начин пријавените го оштетиле Буџетот на државата по основ на ДДВ за износ од 9.339.144,00 денари, се појаснува во соопштението.

Со претходно наведените дејствија, пријавените лица го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 13.783.563,00 денари.

Треба да знаете
Последни објави