Пратениците и по речиси четири часа не можат да го усвојат дневниот ред за денешната 126. седница на која се ставени 124 точки. На почетокот на седницата беа образложени предлог-законите кои треба да се донесат по скратена постапка, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери ги прочита сите предлог-закони предвидени за дискусија.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ кој прв се јави за збор, пред усвојувањето на дневниот ред побара како втора точка да се стави Информацијата за енормното загадување на воздухот во земјава, поднесено од неговата пратеничка група. Иако беше ставен на гласање, овој предлог не помина.
-Десет дена пред менување на мандатот на оваа Влада и формирање техничка влада се носат 200 закони, а нема услови да поминат. Ова е непочитување на интелигенцијата на граѓаните, рече Данев и образложи дека Информацијата за енормното загадување треба да се стави на дневен ред зашто е исклучиво од интерес на граѓаните.
Да ги соблечеме партиските дресови, порача Данев, зашто ова не е политичко прашање, туку е прашање од егзистенционален карактер.
-Излезете во пресрет и поддржете ја нашата идеја зашто вие имате најголема корист од ова. Вие шетавте со маски во Скопје, ги манипулиравте граѓаните дека ако ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, ќе го решите ова прашање. Но, три години поминаа, граѓаните не веруваат дека вие сте тие што ќе го решат загадувањето. Вкупно 180 милиони евра планиравте за подобрување на животната средина, прочистување на воздухот, а од тие потрошивте само 10 отсто. Каде се другите пари?, праша Данев.
По Данев се јавија и неколку негови сопартијци, но и тие не добија поддршка за поместување или целосно тргање на некои од предлог-законите од денвниот ред.
Оценка на ВМРО-ДПМНЕ е дека владејачкото мнозинство сака на само една седница да сработи нешто што не успеало во претходните две години од мандатот.
-Како опозиција ве предупредувавме дека ништо не работите, а доказ за тоа е и денешната седница. Со само една седница сакате да сработите скоро половина од она што не сте го направиле за изминатите две години. Го трчате последниот, вашиот очајнички круг, во кој опозицијата нема да ви помогне, истакна Дафина Стојановска.
Се надворза Никола Мицевски, информирајќи дека покрај постојните точки на дневниот ред, изминатите неколку часа во Собранието пристигнале уште неколку, но за тоа пратениците биле известени со задоцнување.
– Хаос се случува со дневниот ред. Само денес пристигнаа милион закони, а пораките за нив ги добивме по почнувањето на седницата. Сите се ставени на дневен ред. Навистина е несериозно повеќе од 30 закони да бидат прикачени во 11 часот на е – парламент, а пораките за нив да ги добиеме во 13 часот. Дополнително ќе предлагаат закони и пратениците од владејачкото мнозинство, нагласи Мицевски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се уште се јавуваат со предлози за измени на дневниот ред.