Српското собрание на денешната седница покрај останатите одлуки го усвои и Законот за потврдување на Договорот меѓу владите на Р.Србија и Р.Северна Македонија за заемно признавање на одобренија за овластени економски оператори во одност на сигурноста и безбедноста (АЕОС), јави допсникот на МИА од Белград.
Договорот за утврдување на постапката за валидација за заемно признавање на националните програми на овластени економски оператори на ЦЕФТА во однос на сигурноста и безбедноста (АЕОС), кој во суштина носи многу полесна царинска постапка меѓу пазарите на ЦЕФТА, беше усвоен минатата недела на Заедничкиот комитет на годишниот состанок на седумте земји членки на оваа организација во Тирана.
Според овој договор, „овластените економски оператори” или, со други зборови, компаниите и организациите кои се овластени за царинење, во иднина откако ќе се изготви царинската документација од еден оператор, таа нема да мора да помине исти постапки на секоја од царинска точка во рамките на седумте земји на ЦЕФТА. Ова не само што ќе ги олесни граничните процедури, туку ќе помогне и во градењето на довербата меѓу страните што секоја од нив ги следи и ги почитува истите постапки. Спроведувањето на овој договор треба да започне од април 2020 година.
Во Тирана усвоена е и „Стратегијата за управувањето со царинскиот ризик ЦЕФТА 2020-2024″, која треба да понуди алатки за зголемување на довербата меѓу земјите, зголемување на ефикасноста на царинските процедури и намалување на потребното време за царинење, со што би дошло до поевтинување на производите.
Минатиот месец, од Царинската управа на Србија информираа дека ги исполниле условите за спроведување на институцијата на овластен економски оператор (АЕО) и дека може да започнат со доделување одобренија за статус на деловните субјекти кои ги исполнуваат пропишаните услови.
Како што објаснија од Царинската управа, концептот на овластен економски субјект се заснова на партнерство помеѓу царинската служба и стопанските субјекти воведени од Светската царинска организација.
-Стопанскиот субјект кој исполнува широк спектар на критериуми, на доброволна основа, треба да соработува тесно со царинската служба за да се постигне заедничката цел-безбедност во синџирот на снабдување. Ова подразбира дека односот помеѓу царинската служба и АЕО треба да се заснова на принципите на транспарентност, коректност, праведност и одговорности, истакна српската Царинска управа.
Целта на АЕО програмата е да се подобри безбедноста на меѓународниот ланец на снабдување и да се олесни легитимната трговија. Тој е отворен за сите учесници во синџирот на снабдување.
Опфаќа стопански субјекти овластени за царинско поедноставување (AEOC), безбедност и заштита (AEOS) или комбинација на горенаведените придобивки.
-Поедноставувањето, забрзувањето на царинските процедури и намалувањето на оперативните трошоци се главните предности за стекнување на статус на АЕО, што има позитивно влијание врз стабилноста на деловните активности, преку технолошки инвестиции, доброволно придржување кон безбедносните регулативи и подигнување на стандардите за квалитет на стоките, со што се постигнуваат придобивки важни за крајните корисници, односно граѓаните, информираа од Управата.
Мисијата за валидација, се одржа во Подгорица, минатиот месец, во организација на германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ), а ја сочинуваа претставници на царинските услуги на договорните страни на ЦЕФТА, како и претставници на Европската комисија и Секретаријатот на ЦЕФТА како набљудувачи.