Курти доби поддршка од пратениците на немнозинските заедници

 Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, се сретна денеска, заедно со членови на партиското раководство, со десетте пратеници на немнозинските заедници во новото косовско Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеничката од редовите на ВВ, Арберие Нагавци по средбата изјави за државната телевизија РТК дека сите десет пратеници изразиле поддршка на идната Влада, која ќе ја предводи Курти.

– Сите пратеници на немнозинските заедници  уште еднаш изразија поддршка за Владата на Курти и дискусиите се фокусираа на општото добро, на проектите за подобрување на животот на сите граѓани и на поддршката за оние кои имаат најмногу потреба, изјави Нагавци.

Според косовските закони, десет места во 120-членото Собрание на Косово се гарантирани за претставниците на српската, и уште толку за оние на другите немнозински етнички заеднициодносно Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.

Конститутивната седница на новиот Парламент е закажана за в четврток, 26 декември, со почеток во 15 часот.

Треба да знаете
Последни објави