Нови апарати на Очната клиника за дијагностика на ретинопатија кај предвремено родените деца

Апарати за рана детекција на ретинопатија кај предвремено родените деца, за испитување на промените на крвните садови во очите со прецизна компјутерска слика и во предниот сегмент се ставени во функција на Универзитетската клиника за очни болести.

По тој повод министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Клиниката по што изјави дека новите апарати на Клиниката се користат во најразвиените европски центри. Посочи дека едниот апарат се користи за многу рана детекција на заболувања на очите, таканаречената ретинопатија кај предвремено родените деца, а другиот апарат е за детекција на промените во крвните садови кај одредени болести како што е глаукомот.

Според него, ова е еден значаен чекор напред во квалитетот, што ќе го пружи Очната клиника во периодот што следи со оглед на тоа што досега за дијагноза на ретинопатија кај предвремено родените деца се користеше стара метода.

– Со оваа метода очекуваме компликациите од тие нарушувања во очите кај предвремено родените деца да резултираа со нула проценти слепило за разлика од тоа што беше досега со старата технологија која не можеше се да детектира. Сега со навремена и точна дијагноза може навреме да се даде соодветна терапија со која клиниката веќе располага за да се надмине тој проблем. Другиот апарат значајно ќе помогне во квалитетот на услугата што ја добиваат пациентите со глауком заради тоа што се добива прецизна и точна компјутерска слика на крвните садови што исто така индицира навремено давање соодветна и модерна терапија, истакна Филипче.

Додаде дека значајно се зајакнува капацитетот на Очната клиника овие изминати две години, примени се шест доктори, дел од нив се веќе на специјализација, а во периодот што следи ќе се примаат уште десеттина медицински сестри со што, според него, многу се олеснува организирањето на работата и се подобрува пристапот и квалитетот на здравствената услуга.

Директорот на Клиниката за очни болести Христијан Дума рече дека aпаратот за брза и навремена дијагноза кај децата со прематурна ретинопатија или кај децата кои се предвремено родени го следи трендот на технологијата во светски размери. Со овој апарат, појасни, ќе имаме бенефит да можеме навремено и брзо да ги детектираме промените кај предвремено родените деца и соодветно да се даде терапија.

– Вториот апарат е наменет за дијагноза на ретината односно на крвните садови и со него може да се направат испитувања и кај пациенти кои имаат сенилна катаракта односно перде. Еден од најголемите проблеми е чекањето на ширењето на зеници, а овој апарат го има тој бенефит да може да работи на мала пупила. Добивме уште еден апарат кој е наменет за дијагноза на предниот сегмент кој е во истата класа како и двата апарати, истакна д-р Дума.

Додаде дека апаратот за испитувања на состојбата на крвните садови и апаратот за дијагноза на предниот сегмент се бесконтактни, брзи и со нив се вршат безболни прегледи и се добива брза дијагноза кај пациентите.

Треба да знаете
Последни објави