Бебе од Тексас, чија мајка била пронајдена задавена во багажникот на автомобилот, повторно е со своето семејство.
Девојчето Маргот Кери е вратено кај нејзиниот татко Шејн Кери, соопшти Агенцијата за семејство и заштита, пренесува „Тајм“.
Државата повеќе не бара старателство над детето, изјави Тифани Батлер, портпаролка на агенцијата.
Маргот и нејзината мајка Хајди Брусард (33) исчезнале на 12 декември, откако Брусард го оставила својот син (6) на училиште.
Потоа, таткото и свршеник на Хајди во емотивно видео молел да му се вратат свршеницата и ќерката, постојано повторувајќи дека нема никаква врска со нивното исчезнување.
Телото на мајката е откриено минатата недела во багажникот на автомобилот пред домот во Хјустон. Маргот била пронајдена во куќата.
Девојчето, кое има помалку од еден месец, било живо и здраво и потоа било згрижено од социјалната служба.
Куќата во која се пронајдени мајката и бебето ѝ припаѓа на нивната долгогодишна пријателка Маген Фиерамуска (33).
Фиерамуска беше обвинета по две точки за киднапирање и една за поместување на труп. За сега не е обвинета за убиство.