Во резервоар за вода, кој се наоѓа во мигрантскиот центар во Блажуј во БиХ, утрово се пронајдени експлозивни средства – мини и тромблони.
Портпаролката на Федералната управа за цивилна заштита Мајда Ковач изјави дека во Центарот бил испратен тим за отстранување експлозивни средства, кој утврдил дека во резервоарот се наоѓаат мини и други експлозивни средства, но поради количината на водата не можеле да утврдат за колкаво количество станува збор, јави саравескиот портал Кликс.
– Сега ќе ја испумпаат водата и ќе утврдат колку експлозивни средства има и на кој начин ќе ги отстранат. Специјален тим работи на отстранување, согласно стандардните оперативни процедури, појасни Ковач.
Во Блажуј се наоѓаат повеќе од 300 мигранти, кои од Бихаќ се префрлени во Сараево на 11 декември. Босанските медиуми посочуваат дека објектот е во лоша состојба и оти не бил подготвен за прифаќање луѓе, но и дека во тек се градежни работи кои треба да овозможат похумани услови за мигрантите.