Трамп во војна со ветерниците

Претседателот на САД, Доналд Трамп, одржа говор пред младите конзервативци во Флорида, посветувајќи еден дел на ветрот и ветрогенераторите, кои ги нарекува ветерници, пишува „Гардијан“.

„Никогаш не го разбрав ветрот. Знаете, ветерниците ги знам. Ги проучував ветерниците повеќе од кој било друг. Тие се бучни, убиваат птици. Сакате да видите гробишта на птици? Тогаш понекогаш одете до ветерниците. Ќе видите повеќе птици од кога и да било во вашиот живот“, рече Трамп.

Британскиот весник овој говор на Трамп го нарече бизарна тирада против ветрогенераторите.

„Трамп рече дека знае повеќе за Исламската држава од неговите генерали, тврди дека ги разбира политичарите подобро од сите. Сега има една тема во која стручното знаење на Трамп го надминува знаењето на другите – ветрогенератори кои тој ги нарекува ветерници“, забележува „Гардијан“.

Американскиот претседател рече дека ветрогенераторите главно се прават во Кина и во Германија и дека испуштаат многу чад и гас во атмосферата.

Повикувајќи се на Американското здружение за ветрогенератори, „Гардијан“ забележува дека има повеќе од 57.000 ветрогенератори низ Соединетите Држави.

Трамп ги коментираше и боите на ветерниците.

„Ги гледате сите тие ветерници. Тие се со различни нијанси на боја. Тие се малку бели, но некои се портокалово-бели. Тоа е мојата омилена боја, портокалова“, рече Трамп.

„Гардијан“ потсетува дека Трамп тврдеше претходно оваа година дека ветрогенераторите предизвикуваат карцином заради вревата што ја создаваат.

Треба да знаете
Последни објави