Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски обвинет во случајот „ТНТ“ исто како и вчера не дојде на судското рочиште за предметот, откако завчера вечерта бил претепан од двајца напаѓачи.
Неговиот адвокат, Јовица Страшовски пред судот изјави дека Трајковски е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
-Мојот клиент вчера после 22 часот бил примен на клиниката. Тони тешко збори, дезоориентиран е и повраќа – рече адвокатот на Трајковски.
Во „ТНТ“, првообвинет е Никола Груевски, кој наредил да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Во овој предмет обвинети се и Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, Елизабета Најдовска и други обвинети од општина Гази Баба.