Вархелји и Борел го поздравија формирањето на Владата во Босна и Херцеговина

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархелји, го поздравија формирањето на Vладата во Босна и Херцеговина по една година застој.

– Ова отвора пат за обновување на заложбата на политичките партии што ќе овозможи напредок за ЕУ патот на земјата, соопштија кабинетите на Борел и Вархелји.

По четиринаесет месеци застој во преговорите меѓу етничките групи, босанскиот Парламент вчера го потврди Зоран Тегелтија за премиер на земјата. Тегелтија доаѓа од партијата на Милорад Додик, тој беше претходно министер за финансии на Република Српска.
Босна и Херцеговина сѐ уште нема официјален статус на земја кандидат за ЕУ.

Во мај годинава, Европската Комисија усвои мислење за перспективата за членство на БиХ во ЕУ, земјата треба да исполни четиринаесет приоритети од клучни области како владеењето на правото, темелните права и реформата на јавната администрација за да може да претендира на официјален кандидатски статус.

Европската надворешна служба и Европската Комисија потсетуваат дека е „итно” босанската Влада да го усвои и имплементира пакетот на социјални и економски реформи.

– Работата што претстои бара целосна посветеност на законодавните и извршните власти на секое ниво. Европската Унија е подготвена целосно да ја поддржи и придружи Босна и Херцеговина, нејзините институции и граѓани за напредување на патот на европската интеграција.

ЕУ нагласува дека 2020 ќе биде важна година за БиХ со оглед на претстојните локални избори.

Треба да знаете
Последни објави