Нова средба на Курти и Мустафа во обид да се договорат за заедничка влада

Лидерите на партиите победнички на парламентарните избори од 6 октомври во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Албин Курти и Иса Мустафа, ќе се сретнат денеска во нов обид да постигнат договор за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според приштинските медиуми, средбата, која не беше претходно најавена, ќе се одржи попладнево во просториите на Собранието на Косово.

Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новото Собрание на Косово, произлезено од вонредните парламентарни избори, претседателот Тачи ја свика за 26 декември, што е последниот законски рок, со оглед дека Централната изборна комисија ги сертификува изборните резултати на 27 ноември.

Треба да знаете
Последни објави