Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари работна посета на Агенцијата за разузнавање на Република Северна Македонија.
За време на посетата, претседателот Пендаровски беше информиран за тековните и предвидените активности во надлежност на Агенцијата, насочени за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации коишто се значајни за безбедноста, одбраната, политичките, економските и други интереси на Република Северна Македонија.
Претседателот беше запознаен со придонесот на Агенцијата за разузнавање во исполнувањето на стратешките цели на Северна Македонија – членството во НАТО и ЕУ, со акцент на меѓународната соработка на Агенцијата со партнерските служби. На средбата со раководството беше разговарано и за меѓуинституционалната соработка како важен дел за координацијата на активностите на институциите со сродна дејност со Агенцијата за разузнавање.
Претседателот Пендаровски беше информиран и за активностите на Агенцијата за внатрешни реформирање и донесување нов Закон, со цел градење модерна и ефикасна разузнавачка служба, согласно препораките, критериумите и поддршката на НАТО.