Бизнисменот Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“, на стартот на судењето за случајот „Рекет“, одговарајќи на прашањето дали е сроден или скаран со некој од обвинетите рече: „Да, скаран сум со Катица Јанева“, по што присутната јавност се изнасмеа. Тој раскажа дека е осомничен во истрагата „Поштенска банка“ на СЈО.
– Бев неколку пати повикуван во СЈО во функција на сведок во случајот „Поштенска банка“. Тоа што го доживеав во СЈО беше изживување и ми предизвика големи трауми. Подоцна на 19 јуни 2018 година ми беше речено дека ќе треба да дадам изјава и да си обезбедам адвокат зашто од сведок сум станал осомничен. Бев изненаден, адвокатот ме советуваше да не давам изјава зашто се работи за суета и тенденција на обвинителката и да поднесеме тужба. Јас тоа го одбив зашто гледав каква моќ има СЈО. Се исплашив кога дојдоа со наредба за личен претрес, а по дома ми се шетаа со шмајзери, рече Главчев.
Oбвинителката Вилма Рускоска праша кои се причините што сте скарани со Јанева, но по реакција на бранителот на Јанева, судијката го прифати приговорот да не се прифати прашањето.
Главчев кажа дека се рекламирал во 1 ТВ, и ќе раскаже зошто се рекламирал, кога веќе не му било дозволено да каже зошто бил скаран со обвинителката Јанева.
-Конфекцијата моја е позната по производство на машка кошула, па затоа сакавме исфорсирано да се рекламираме и за женската кошула. Имав контакт со неколку телевизии, а се слушнав и со Бојан Јовановски. Пресметките ми беа да потрошам до 50.000 евра на годишно ниво. Разговорите на почетокот беа успешни, а по моето приведување првичната цена рипна. Требаше да платам 100.000 евра. Договорот е потпишан на 20 октомври 2018 година. Го прифатив, условите беа прифатливи и бевме задоволни, рече Главчев.
Тој во своето сведочење не обвини за рекет, туку се жалеше на односот кој го добивал во СЈО. Главчев додаде дека Боки се интересирал за неговата конфекција, па и по негов вкус му биле изработени неколку темни кошули.
-Тој е една интересантна фигурица – рече сведокот.
Тој призна дека самиот го прашал Јовановски дали знае нешто за неговиот случај во СЈО.
– Бидејќи видов негови слики со Јанева го прашав дали знае нешто за мојот случај и тој рече дека таму сум колетерална штета, но не побара ништо, рече Главчев.



