Преминот Лојане – Миратовац ќе биде резервен, за шпиц сезона

И ние слушаме приговори околу новиот концепт „One Stop Shop” на граничниот премин Табановце – Прешево што беше промовиран пред неколку месеци. Веројатно, се уште трае периодот на прилагодување. Мислам дека ваквиот модел има перспектива и дека ќе профункционира, но треба време, рече денеска амбасадорката на Србија во земјава, Душанка Дивјак Томиќ.

На прес-конференција во Стопанската комора на Македонија Дивјак Томиќ истакна и дека веќе е потпишана спогодба за граничниот премин Лојане – Миратовац иако засега од него нема некоја економска исплатливост. Флуктуацијата е мала, но институциите, сепак, излегле во пресрет на барањата на локалните жители. Се размислува, рече амбасадорката, овој премин да се развие како резервен, посебно за т.н. шпиц сезона, но тоа ќе зависи од инфраструктурата во која треба многу да се вложи.

Во врска со иницијативата за „мини шенген” која ја посочи како еден од приоритетите за зголемување на соработката, Дивјак Томиќ подвлече дека сите се добродојдени и дека ова прашање, мислејќи на Косово, Србија не го врзува за статус. Статусот, потенцира, е многу сериозно и комплексно политичко прашање кое ќе се решава низ дијалог, а Србија очекува дијалогот да се обнови.

-Идејата не е „мини шенгенот” да биде само за три земји. Напротив. Тоа е идеја која има поширок регионален карактер и сите се добродојдени. Еве веќе и Црна Гора се приклучува кон концептот, сфати дека тоа е нешто што е и од нејзин интерес. Очекуваме дека тоа ќе се случи и со БиХ. Косово никој не го спречува. Многу сме заинтересирани да нема никакви пречки во размената и прптокот на стоки и луѓе. За жал, ситуацијата е засега таква. Сé уште е во сила сериозната рестрикција на стоки од централна Србија. Во врска со Косово, очекуваме дијалогот да се обнови. Не е до нас. Ја чекаме другата страна. Со оглед дека изборите доле се завршени, но не се конституирани органите, па како ќе оди тоа и со кое темпо, навистина не зависи од нас. Мислам дека сега е зголемен и интересот на меѓународната заедница, тоа прашање да се реши, посочи амбасадорката.

На прес-конференцијата беа презентирани резултатите од трговската соработка меѓу двете земји при што беше нагласена потребата од намалување на бирократските процедури, хармонизирање на регулативите и сертифицирање, како и либерализација на работната сила во регионот. Според бизнис секторот, ако до пред десетина години приоритет беше дефинирањето портфолио за поголема конкурентност на фирмите, денес најголемиот предизвик е човеќкиот капитал. Кадри нема, особено стручно образование, па компаниите мора сами да ги доедуцираат нововработените.

-За жал, сé полош кадар доаѓа од образовните институции. Со овој проблем се соочуваат не само нашите, туку и компаниите во регионот, а негативниот ефект допрва ќе се почувствува, рече потпретседателот на Комората, Живко Мукаетов.

Србија е наш најголем трговски партнер на Балканот и четврти во светски рамки. Размената била најголема во 2008 година, кога достигнала 1,5 милијарди долари. Потоа следувал период на драстично опаѓање од 74 отсто поради економската криза, но трендот повторно бележи зголемување. Годинава бројката од 1,5 милијарди нема да се достигне, иако размената веќе изнесува околу 1,1 милијарда долари, вклучувајќи ги и услугите.

– Најмногу извезуваме лекови, вино, производи од железо, а увезуваме пченица, брашно, цигари, електрична енергија. Дефицитот е секогаш на македонска страна и на тоа мора да се работи, укажа Анета Трајковска од Стопанската комора.

Амбасадорката дополни дека Србија е во целост отворена за соработка. Во инвестициите, рече, може да се направи нешто повеќе, како и во изнаоѓањето партнерства и заедничкиот настап на трети пазари.

-Ако се забрза протокот на стоки може да се заштедат две милијарди евра, пари кои би се вложиле во нешто добро што би било од интерес за двете страни, истакна Дивјак Томиќ.

Српската статистика покажува дека вкупната трговска размена во првите девет месеци од годинава е 675,5 милиони евра што е зголемување за 7,6 отсто од лани. Суфицитот кој традиционално е на страната на Србија, за овој период изнесува 331,5 милиони евра. Ова е еден од сигналите, рече Дивај Томиќ, дека македонската страна треба да се ангажира повеќе и да го зголеми извозот.

Треба да знаете
Последни објави