Во секогаш динамичната Србија со мноштво активности, реформи и силна политичка и медиумска реторика, 2019 ја одбележа продолжување на политиката на неутралност преку евроинтеграциите и блиските врски со Русија и Кина, застој во дијалогот со Косово, бројни реформи и протести на опозицијата и економски развој со главна карактеристика на изградба на повеќе автопатишта.
Србија во 2019 на надворешен план продолжи со јасно декларираната политика на претседателот Александар Вучиќ на градење на својата неутралност и бранење на суверенитетот, со јасно прокламираниот став за незачленување во НАТО.
Продолжувајќи ги евроинтегративните процеси како кандидат за членство во ЕУ, Србија во 2019 година и покрај француската блокада на проширувањето, но и на болните реформи, од планираните шест успеа да отвори две поглавја, со што од вкупно 35 поглавја досега има отворено 18, а затворено две поглавја.
Како и останатите земји на Западен Балкан и Србија, по француската блокада е во процесот на исчекување на дефинирањето-реформите во ЕУ за натомошниот процес на зачленување во Унијата.
Но, покрај германската подршка на политиката на претседателот Александар Вучиќ поради ветувањето за решавање на косовското прашање, Вучиќ оваа година за прв пат доби подршка и од францускиот претседател Емануел Макрон, за време на посетата на Белград во јули, потпишувајќи ја заедничката изјава во која „се истакнува дека пристапот на Србија кон претходно длабоко реформираната ЕУ претставува заедничка стратешка цел”.
Од друга страна, најголемите забелешки од ЕУ и годинава за Србија доаѓаа на полето на реформите на правосудскиот систем, слобода на медиумите и ускладување на надворешната политика.
И тоа пред се поради јасно прокламираната и динамична политика на градење на блиски и „братски” односи со Русија, што од западните сили беше окарактеризирано како седење „на две столици”, политика од која засега Белград има сеуште бенефити. Посетите на рускиот претседател Владимир Путин и на премиерот Дмитри Медведев на Белград, и обратно посетите на претседателот Вучиќ на Русија и динамичната меѓувладина комуникација годинава резултираа со потпишување на повеќе билатерални договори од политички, безбедоносен и економски аспект, од кои две работи се издвојуваат. Тоа се набавката на оружје од Русија-Белорусија на мигови, хеликоптери, против-воздушни системи, тенкови, борбени возила и заедничките воени вежби, што севкупно наиде на критики и предупредувања најмногу од САД (посетата на Белград на Томас Зарзецки задолжен во САД за контрола на вооружувањето и меѓународната безбеднсот) и потпишувањето во Москва на трговскиот договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), со цел натамошен раст на српското стопанство и на извозот.
Во 2019 Србија, покрај Русија, преку повеќе билатерални средби со кинескиот државен врв градеше одлично односи и со Пекинг, пред се преку иницијативата „Еден појас-еден пат” и продажбата на најголемиот стратешки рударски и индустријски центар-РТБор. Годинава после втората посета на претседателот Таип Ердоган на Белград и обратно на Вучиќ на Анкара и Истанбул, како сојузник на Србија се јави и уште еден „голем играч”-Турција, пред се на економско поле, заедно со Русија, на градбата и снабдувањето со гас преку Турски поток и со други економски врски и инвестиции, меѓу кои е и финансирањето на градбата на автопатот кон БиХ.
Годинава во повеќе наврати српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, изјави дека „Косовското прашање е најголем национален интерес и најголем политичко-безбедоносен предизвик, а Србија нема да се откаже од дијалогот и компромисот, како единствен начин за доаѓање до одржливо решение.” Но, 2019-та година не даде одговор како да се постигне решение на ова горливо прашање. Напротив.
После воведувањето на таксите од страна Косово и блокадите на Србија за членство на Косово во Интерпол и Унеско, 2019 година е година на застој на бриселскиот дијалог или како што често е оценето, тој е „клинички мртов”.
Замреа идеите за разграничување, немаше долги и мачни состаноци во Брисел меѓу Вучиќ и Хашим Тачи, обидите на Берлин и Париз на состаноците во кои беа вклучени и Ангела Меркел и Емануел Макрон не вродија со плод, дојдоа косовските избори, реториката на обвинувања меѓу Белград и Приштина се засилуваше, а преку патувањата и лобирањето на Дачиќ низ светот се зголемуваше и бројот на држави кои го повлекуваа признавањето на Косово, како и руската подршка за Србија во решавањето на овој проблем. Ново на ова поле во 2019 година е вклучувањето на САД со дури два нови посредници во српско-косовскиот дијалог, Метју Палмер и Ричард Гренел, кои со новото раководство на ЕК треба, како што побара Доналд Трамп во писмото до Вучиќ и Тачи, „со подршка кон нормализација на односите преку историјски договор да постигнат взаемно признавање.”
Регионалната стабилност како приоритет на надворешната политика на Србија во 2019 година можеби најмногу даде ефект во односите со Северна Македонија. По двегодишно заладување, оваа година, покрај повеќе билатерални министерски средби, дојде до посета на премиерот Зоран Заев на отварањето на автопатот Е-10 кај Грделичка Клисура, посетата на Александар Вучиќ на претседателската инагуарацуја на Стево Пендаровски во Скопје, во август отварањето на интегрираниот граничен премин т.е оне стоп шоп на Табановце и посетата на премиерката Ана Брнабиќ.
Во октомври во Нови Сад и ноември во Охрид дојде до уште поинтензивна соработка кога, Вучиќ, Заев и Рама ги удрија темелите на регионалната соработка преку договорот за т.н.„мал Шенген” или потпишувањето на Декларацијата на четирите темелни слободи на ЕУ на земјите од регионот за слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал. Во рамките на оваа соработка уследи и официјалната посета на Пендаровски на Белград и на Заев на Нови Сад на Младинскиот форум и потпишувањето на договорот за отварање на нов интериран граничен премин Лојане-Миратовац, со што односите меѓу Србија и Северна Македонија во 2019 дојдоа на „потребното ниво на добра добрососедска надворешна и економска политика, без отворени прашања, со подршка на заедничките евроинтегративни процеси за зачленувањето во ЕУ”, како што истакнуваат и во двете држави.
И доколку овој договор и соработката ги гледаме од економски аспект, тоа секако допринесе за зголемување на меѓусебната економска размена, која за прв пат годинава ја достигна речиси недостижната една милијарда евра.
А зголемувањето на трговијата и отварањето на автопатот Е-10 во соседна Србија говорат дека Белград во 2019 бележи економски раст, пред се во градбата на автопатишта, така да не случајно Владата ја означи 2019 година како „година на инфраструктурата со изградени најмногу километри во нејзината понова историја.”
Изградени се 129 км. автопатишта и започнати се четири коридори со ивестицијски циклус од речиси 6 милијарди долари и тоа кон Северна Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово…
Во август пуштен е во сообраќај јужниот крак на Коридорот Е 10 кон Северна Македонија, а потоа и источниот крак кон Бугарскатата граница. Коридорот 11 или автопатот „Милош Велики” од Белград до Црна Гора речиси е до половина изграден, отворени се делниците Сурчин-Обреновац-Уб-Лајковац-Љиг, а се работи на делницата Чачак-Пожега.
Се почна со изградба и на автопатот кон Сарајево, преку Шабац, во декември означен е почеток на изградбата на 800 милиони евра вредниот Моравски коридор од Појате до Прељина, кој треба да ги спои Коридорите 10 и 11 или источна и западна Србија. Покрај градба на автопатиштата, годинава продолжи и реконструкцијата и модернизацијата на желеничкиот сообраќај со руска и кинеска помош и кредити на повеќе делници, меѓу кои е и Ниш-Димитровград, брзата пруга од Белград до Суботица и др.
Според српските економисти, Србија во 2019 излезе од фазата на стабилност и влезе во фазата на економски раст, што беше потврдено и од Рејтинг агенцијата “Standard i Purs” (S&P) која го зголеми кредитниот рејтинг од ББ на ББ+.
Според Агенцијата, одлуката за зголемување на кредитниот рејтинг на Србија е донесена врз основа на стабилната економска политика насочена кон натамошно зајакнување на макроекономските показатели и намалување на јавниот долг. Растот на БДП на Србија за 2019 и 2020 година е проектиран на 3,6 и 4,0 проценти. Од 2015 година, Србија постигна целосна покриеност на тековниот дефицит со директни странски инвестиции, што укажува на долгорочна одржливост на нејзината надворешна позиција. Подобрените фискални резултати, паѓањето на каматните стапки и апрецијацијата на валутата и овозможија на српската влада да го постави јавниот долг на цврста надолна траекторија.
Србија годинава имаше ниската и стабилна инфлација, која во октомври изнесуваше 1,0 отсто и стабилност на девизниот курс. Зголемен е растот на инвестициите и на извозот, подобрени се условите на пазарот на трудот, како и зајакнување на банкарскиот систем.
Бројот на невработени во 2019 е намален за 63.000 лица според Анкетата за работна сила или за 80.000 според податоците на Националната служба за вработување. Но поголемиот пад на невработеноста од растот на вработеноста главно се должи на иселувањето на младите од Србија и покрај зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор, со тенденција просечната плата годинава да достигне износ од 500 евра.
За разлика од динамичната надворешна политика и економските раздвижувања, Србија на внатрешно-политички план во текот на целата 2019, како што оцени главниот уредник на агенцијата Бета Драган Јањиќ, ја одбележа „растечка политичка нестабилност, со успиен дијалог, тензии во медиумите и вонинституционални активности”.
Имаше зачестени демонстрации, собири, протести, прошетки, секоја сабота, низ цела Србија, во Белград, организирани и од власта под насловот „Иднината на Србија”, како и од движењето „1 од 5 милиони” и опозицијата која овие протести и барањата на граѓаните ги искористи за да го направи „Договорот со народот” обединувајќи се со тоа во коалицијата Сојуз за Србија (СзС).
Сето ова беше проследено со бројни афери како што беше палењето на куќата на новинарот Милан Јовановиќ, сексуалнииот мобинг од страна на Јутка, куќниот притвор на свиракчот Александар Обрадовиќ од аферата со фабриката со оружје Крушик и можната вмешаност на министерот на полицијата Небојша Стефановиќ и неговиот татко, плагијатот на докторатот на министерот за финансии Синиша Мали, аферата со заплената на 4 тони марихуана на плантажата Јовањица, реконструкцијата на централниот плоштад во Белград итн….Беа направени и испади на опозицијата, како што беше упадот во РТС, блокадата на зградата на Претседателот на Србија, сето тоа придружено со различни спинови, шпионски афери, напади, обвинувања, навреди и пофалби за оној или овој, власта или опозицијата, вистински и лажни лидери, со еден збор, се водеше бескрупулозна медиумска војна, што ја влоши и состојбата со слобода на медиумите.
Она што стана јасно, е дека во Србија непостои дијалог меѓу власта и опозицијата, ниту дијалог меѓу граѓаните, особено за важните државни и стратешки прашања и барања.
По пролетниот „Голем митинг” на поддршка на Александар Вучиќ во Белград со 100.000 или 150.000 граѓани, донесени со 3000 автобуси и пред тоа “Големиот митинг” на опозицијата со 7.500 или 50.000 граѓани, дојдени самоорганизирано, силите беа одмерени. Вучиќ рече помеѓу останатото дека треба да се разговара и со оние „некои” кои што мислат поинаку и кои не се насилници, по што следниот ден, опозицијата го објави тимот за преговори.
Не треба да се занемари и бојкотот на опозицијата во локалната самоуправа и во Собранието, со што и покрај апсолутнота власт на Вучиќ, на некој начин почна да се доведува во прашање неговиот „легитимитет”, за донесување на важни политички и законски проекти, како што се Косовското прашање или измените на Уставот.
До почетни обиди за дијалог дојде прво преку невладините организации, а потоа и во српскиот парламент со медијаторство на пратениците на Европскиот парламент, со какви такви успеси околу постигнување компромисни решенија за барањата на опозицијата околу изборните услови. Но со веќе изгласаниот бојкот на изборите од страна на најголемата опозициона коалиција СзС, и овие компромисни подобрувања на изборните услови и померување на изборите во крајниот рок-3 мај следната година, не вродија со плод, барем кај поголемиот дел на опозицијата, кои сега, како што изјави за МИА еден од лидерите на опозицијата Драган Ѓилас бараат „формирање на техничка Влада според Пржинскиот модел, прилагоден на српски начин”, за наместо во април или мај редовните парламентарни избори да се одржат наесен или на зима 2020 година со спроведување на можниот компромисен договор меѓу власта и опозицијата околу изборните услови.
Сите овие фактори и желбата на власта за дијалог со опозицијата ќе влијаат на она што ја очекува Србија во 2020 година, а тоа се избори без бојкот и решавање на косовското прашање. И во 2019, како и пред тоа, се е и понатаму во рацете на претседателот Александар Вучиќ и на вечитиот „играч” кој е најмалку вклучен во оваа внатрешна политичка ситуација во Србија-Ивица Дачиќ.