Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи распитот на сведоците во предметот „Рекет“ во кој првообвинет е Бојан Јовановски, викан Боки 13, и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.
Прв денеска сведочеше адвокатот Сашко Бошков. Тој рече дека лично го познава обвинетиот Бојан Јовановски Боки 13, со кого се сретнал прв пат во февруари 2018 година.
Сведокот рече дека во ноември лани му се јавил кошаркарот Владо Илиевски и му кажал дека Боки 13 сакал да се сретне со нив во 1ТВ. Тогаш Боки 13 го прашал дали е близок со Зоран Митровски од винаријата “Еземит” и газда на „Бетон Штип“ и му кажал дека имал предмети во СЈО.
-Јас му кажав дека има само еден предмет со “Поштенска Банка”, на што обвинетиот рече не е еден предмет туку се повеќе, а кога се јави зборуваше со женско лице за кое не можам со сигурност да кажам кој беше, но можам да претпоставам. „Супер изгледаш, новиот стајлинг и фризура ти се топ“, и кажа Јовановски. Жената од друга страна се смееше. Не прозбореа ништо за Зоран, рече Бошков.
Во врска со предметите и помошта Јовановски побарал два милиони евра, предлог кој бил одбиен.
– Му пренесов на Зоран Митровски кој реагираше бурно и се исплаши. Ми рече дека не чувствува потреба да даде парии ме праша што да прави. Јас како адвокат му реков дека треба да пријави, а тој тоа и го направи. Прво се плашеше, но потоа случајот го пријави, рече сведокот Бошков.
Според сознанијата на сведокот, бараните пари никогаш не биле исплатени.