Генералниот секретар на Демократскиот сојуз, Зоран Димитровски изјави дека датумот 12 април за одржување на предвремените парламентарни избори се става во прашање поради законите кои треба да се донесат во моментално блокираното Собрание. Според него, законите за плати и пензии ќе се изгласаат но проблем најверојатно ќе бидат изборниот законик и Законот за одбрана.
-За некои од тие закони почна и расправа во собраниските комисии, но проблематичен може да биде изборниот законик кој беше предложен од пратениците кои се за една изборна единица, и Законот за одбрана каде опозицијата има одредени забелешки. Тие поднесоа ист таков закон само без промена на името на армијата, вели Димитровски во дебата на ТВ 24.
Димитровски вели дека станува збор за политичка игра и треба да остане 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори.
-Изборниот законик и Законот за одбрана не треба да бидат основа за одложување на изборите. Ова е една политичка игра, треба да има избори на 12 април. Влеговме во едно предизборие, целата реторика околу законите и изборите е фаќање предизборна позиција во јавноста. Реално гледано, нема некаква логика во одложување на изборите, партиите имаат договор ако треба и предвреме да го ратификуваат договорот за НАТО. Премиерот сепак го зголеми влогот за овие избори велејќи дека може и да не поднесе оставка односно да не стартува таа техничка влада од 3 јануари. Тоа е зголемување на влогот, односно играње игра на власта како притисок со цел да бидат изгласани предложените закони, вели Димитровски.
Во однос на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Димитровски вели дека партијата мора да доживее трансформација доколку сака успех на изборите на пролет.
-Претпоставувам дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ нема да биде закопана во минатото каде ќе одат на некои ретроградни ставови. Ќе велат дека иако можеби не се идеални договорите со Бугарија и Грција, сепак се некаква нужност која Македонија ја направила и нема да се ревидираат, вели Димитровски .