Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски имаше работен состанок со градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.
Министерот Димковски ја најави изградбата на дистрибутивно-откупен центар, во вредност од близу 6 милиони евра со поддршка од Светска Банка, во рамките на проектот „Модернизација на Земјоделството“. Изградбата на современ дистрибутивно-откупен центар во Ресен е потребен за да се надмине проблемот со складирање и чување на земјоделските производи, пред се јаболката што ќе доведе кон стандардизирано производство и комерцијализација на домашен и меѓународен пазар. Складирањето, квалитетот и пакувањето на земјоделските производи ќе биде согласно меѓународните стандарди за квалитет, со што Општина Ресен и земјоделското производство ќе се доближат до европските пазари. Во рамките на овој проект отворена е и опцијата да се обезбедат два ладилни камиони (30 тони).
На работниот состанок беше најавено и активирање на подмерката Услуги за авионски засејувања на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви. За таа цел се обезбедени 70 милиони денари од Програмата за Рурален развој. Тендерот за набавка, ќе го објави Управата за хидрометеоролошки работи во текот на јануари, а се очекува од април да имаме заштита од град на територијата на цела држава.
„ На земјоделците од Општина Ресен, годинава им беа исплатени над 6 милиони евра. Очекуваме во следната година да се започне и со исплатата за површините по хектар. Една нова, добра вест е и откупно- дистрибутивниот центар којшто го ќе биде изграден тука во Ресен. Пред само недела дена се завршија и последните преговори со Светска Банка. За следната година, во Програмата за рурален развој се издвоени средства за авионско засејување со кое би се намалиле штетите и ќе се подобри квалитетот на приносите “- изјави Димковски
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Програмата за директни плаќања за 2019 –та година, ги зголеми субвенциите за одржување на насади и тоа од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а за оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршка е зголемена од 39.600 на 50.000 денари по хектар. Дополнителнии 15% повисоки субвенции добиваат овоштарите кои имаат насади во подрачја со огранични можности над 700 метри надморска височина, и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар.
Сето ова укажува на грижата која министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја води за развој на земјоделските подрачја и преку разни мерки обезбедува услови за современо и конкурентно земјоделско производство.