Овој Божик сакав да бидам заедно со локалното население, со припадниците на вооружените сили и војниците од оддалечениот Касос и заедно да испратиме порака на самодоверба, гордост и цврста одбрана на нашите суверени права, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на социјалните мрежи по утринската неколкучасовна посета на малиот островот Касос во јужниот дел на Егејското море, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер, говорејќи пред локалното население рече дека неговото присуство на островот ја симболизира цврстата увереност за одбрана на националните права и националниот интегритет „употребувајќи ги сите средства што се на располагање” и истакна дека Грција секогаш се стреми кон мирно решавање на разликите со Турција, имајќи го меѓународното право како водечки критериум.
– Цврсто верувам дека со дијалог можеме да најдеме решенија за проблемите што траат со децении. Но, овој дијалог во никој случај не може да биде во услови на притисок, уцени и провокации од соседната земја. Овде сме за да ја потврдиме нашата верба во меѓународното право. Но, и нашата апсолутна доверба во стратешките спречувачки способности на нашите вооружени сили, рече Мицотакис.
Тој паралелно изрази задоволство што „во овие тешки услови за националните прашања”, политичките сили во земјата покажуваат дух на единство.
Во однос на иднината на Грција во пресрет на новата 2020 година, Мицотакис наведе дека претходната деценија „не беше добра деценија за земјата”.
– Издржавме, застанавме на свои нозе, останавме во цврстото јадро на Европа и сега сме подготвени со следната деценија, да се соочиме со многу поголем оптимизам, порача Мицотакис.
На малиот остров Касос, грчкиот премиер беше заедно со заменикот министер за национална одбрана Алкивиадис Стефанис и со заменикот министер за туризам Манос Консолас.