Собранието попладнево во рамки на 126. седница изгласа повеќе закони за кои расправата беше завршена. Пратениците со 55 гласа „за”, десет „против” и без воздржани ја именуваа Пламенка Бојчева за директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а за нејзин заменик Блерим Исени.
Со 58 гласа „за”, без воздржани и без ниту еден глас против, Имер Алиу беше избран за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. За негов заменик е избран Игор Кузевски со 59 гласа „за”, 12 „против” и без воздржани.
Агим Рушити, вонреден професор на Педагошкиот факултет во Скопје, е именуван за директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.
Собранието ја донесе одлуката за именување член на Комисијата на Агенцијата за пошти, Предлог-одлука за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки, законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовец. Собранието ја донесе и одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата поради негови протоколарни обврски. Собранието ќе продолжи со работа в петок, во 12 часот со 123 седница. Собранието утре во 11 часот треба да ја почне 124 седница на чиј дневен ред е поставување пратенички прашања.