Спасовски: Влез во НАТО, па избори

Сè уште немаме одлучено кој ќе биде технички премиер. Кон крајот на неделата ќе имаме состаноци, рече во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Околу можното пролонгирање на изборите во контекст на влез на земјава во НАТО, Спасовски вели дека тој услов мора да биде задоволен пред одржување на изборите.

-Треба да се надминат разликите околу застојот со носењето закони во Собранието и во тој случај немаме проблем предвремените парламентарни избори да се одржат во предвидениот термин на 12 април, вели министерот во коментар на вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев за можноста да се одложат изборите.

Тоа што е кажано, посочува Спасовски, е факт во услови кога важни законски решенија се закочени без никаква причина.

– Не знам колку тоа предизвика негативни и позитивни реакции, но тоа што беше кажано е факт во услови кога имате најважни законски решенија да бидат закочени и без никаква причина. Меѓутоа, сметам дека сите овие разлики треба да се надминат и доколку се надминат немаме проблем изборите да се одржат на 12 април и да одиме во предвидениот термин.Државата не треба да има проблем со „кочење” на Парламентот и не носење закони коишто се во интерес на граѓаните. Имаме закон за зголемување на пензиите и некои други закони во Собранието. Знам дека опозицијата ги аргументира своите ставови дека имало многу законски решенија во моментов во Собранието, но тие се во најголем дел усогласувања со Законот за прекршоци, но како и да, е одговорноста на политичките субјекти во овој момент е многу важна, потенцира Спасовски.

Како што дополни министерот за внатрешни работи, носењето на одлуката за изборите беше токму детерминирана од нашето пристапување кон НАТО, врз основа на сите анализи помеѓу политичките партии, како и дека ќе се исполни условот за официјалното членство на државата во Алијансата.

Министерот меѓу другото рече дека како граѓанин е навреден од одлуките на обвинителството.

-Ние можеме да правиме каква сакаме реформа, но таа треба прво да се случи во нашиот ум. Остатоците кои се наоѓаат од режимот треба да се тргнат. Исто така треба да има одговорност кај обвинители и судиии. Јас и јавноста тоа го бараме. Се помести фокусот од правата на жртвите, на правата на криминалците. Сакам да апелирам обвинителите и судиите да си ја работат работата, а не ние да реагираме, изјави Спасовски.

 

Прашан за легалитетот, но и за се почестата појава на снимања од страна на големите компании, вели дека тоа кој кого прислушува, дали некој некого снима, е работа која треба да биде прекината.

 

-Денеска секој секого може да снима со овие телефони, секој може да го вклучи телефонот и да влезе на состанок, колегите вообичаено не се сомневаат дека некој ги снима- вели Спасовски.

 

Треба да знаете
Последни објави