Владата утврдила дека нема правен основ да се бара одговорност на вицепремиерот Кочо Анѓушев за случајот со литиум-јонските акумулатори, откако Државната комисија за спречување на корупција поднесе иницијатива за поведување постапка за утврдување одговорност.
-Анѓушев со писмен поднесок ја информирал Владата дека се иззема од учеството за донесување на предлог-одлуката. Членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ и нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата како колективен орган, согласно Уставот и Законот за Влада, и во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, стои во одговорот кој е утврден на денешната владина седница и кој ќе биде испратен до ДКСК.
Антикорупционерите побараа премиерот да поведе постапка против вицепремиерот зашто Анѓушев активно учествувал во носењето на владината одлука за укинување на царината за литиумските акумулатори, од што директен интерес имала фирмата „Брако“, во која Анѓушев има сопствеништво.
И премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на Алсат, рече дека Анѓушев навреме се изземал од одлучувањето на владината седница на која се дискутирало за царините за литиумските батерии со што не влијаел во одлучувањето.
-Ние сите треба да ја почитуваме Антикорупциската комисија, но таму каде што тоа е недвосмислено, јасно и го гледаме, апсолутно откажувај се…тамо каде што не се согласуваме имаме управни постапки. На уставна постапка се докажуваме. Суд, аргументите на маса, рече Заев.
Но според антикорупционерите, Анѓушев присуствувал на седницата на која била усвоена одлуката и не се изземал од вториот дел на постапката, односно учествувал во расправата и давал предлози.