Денеска во дворот на ПОУ „д-р Златан Сремец” градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и директорката на училиштето, Марија Делетиќ свечено го пуштија во употреба новото рекреативно детско катче.
Инклузивното игралиште наменето за децата од училиштето е донација од познатата компанијата ЖИКОЛ, која со помош на Општина Кисела Вода го изгради игралиштето. Истото партерно го уреди Општината.
Директорката на училиштето, Марија Делетиќ за медиумите изјави дека иницијативата за изградба на игралиштето, со цел за обезбедување безбедно спортско рекреативно катче за учениците со попреченост започна од националниот координатор Александра Дичевска од Агенцијата за млади и спорт. Делетиќ нагласи дека успешната реализација на проектот се спроведе се поддршка од градоначалникот Филип Темелковски и компанијата „ЖИКОЛ” која донираше средства за изградбата на детското игралиште.
Градоначалникот Филип Темелковски во своето обраќање истакна дека од почетокот на неговиот мандат Општината има одлична соработка со ПОУ „д-р Златан Сремец”. Темелковски додаде дека училиштето кое е во надлежност на Министерството за образование и наука и во иднина ќе ја има поддршката од него.
Градоначалникот Темелковски се заблагодари на сите вклучени во изградбата на игралиштето.
„Драго ми е што како Агенција за млади и спорт преку еден наш проект, проектот за Европска недела на спортот започнаа иницијативи кои ќе овозможат, ќе помогнат и ќе придонесат за развој на спортот и за развој на децата со одредена попреченост” изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Директорот Каевски нагласи дека ќе продолжат инвестициите во насока за обезбедување подобри услови за лицата со попреченост.
Темелковски, Каевски и Делетиќ апелираа до граѓаните да ги чуваат јавните добра од оштетувања.
По ова, градоначалникот Филип Темелковски, претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ и дикректорот Дарко Каевски проследија новогодишна приредба во изведба на учениците од ПОУ „д-р Златан Сремец” и ООУ „Невена Георгиева – Дуња”.
На крајот на настанот, Темелковски на децата им подели новогодишни пакетчиња, донација од фирмата Мако маркет.
Локалната самоуправа ги повикува граѓаните доколку забележат дека некој оштетува урбана опрема, детски игралишта и слично да пријават во полиција.