Почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Зоранчо Митровски на денешното сведочење за случајот „Рекет“ потврди дека Боки 13 му барал 2 милиони евра за предметите на СЈО во кои неговата фирма е вмешана. Бизнисменот објасни дека Бојан Јовановски, преку неговиот адвокат и кумашин Сашко Бошков, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истрагата за „Поштенска банка“ во која и тој беше осомничен.
Претходно сведочеше Бошков, кој објасни како Боки 13 ги побарал парите од Митровски.
-Медиумите пишуваа дека и јас сум еден од осомничените, поради што бев многу вознемирен, бидејќи се валкаше моето име и мојата 29-годишна кариера. Тогаш добивав добронамерни совети, кокетирања, дека не е ништо страшно, дека може да се среди. Тогаш адвокатот ми кажа дека Бојан Јовановски му рекол да платам 2 милиони евра, рече сведокот Митровски.
Тој истакна дека тогаш сфатил дека ситуацијата е сериозна и воедно појасни зошто не го пријавил веднаш случајот.
-Во ноември 2018 година, СЈО беше многу моќно, па не се осмелував кај некој обвинител или во МВР да пријавам рекет. Ми беше срам да пријавам и заради Македонија, за тоа што се случува тука, рече сведокот.
Тој појасни и дека никогаш не платил рекет, а со Јовановски не се сретнал директно, туку понудата му била дадена преку неговиот адвокат. Бизнисменот појасни дека сепак случајот го пријавил на нерезидентниот амбасадор на Латвија.
-Тој имал состанок со министерот за надворешни работи по што добив порака дека нема да има веќе проблем со Јанева, рече сведокот.
Тој во своето сведочење истакна дека прво мислел дека Боки 13 го злоупотребува името на Јанева, но потоа имал поинаква слика.
-Сега мислам дека Бојан Јовановски бил злоупотребен од Катица Јанева, со оглед на хронологијата која ја имам за случувањата, рече Митровски на кого Боки 13 му се смееше додека сведочеше.