Николоски: Очекувам Димитров да даде оставка и кривично да одговара поради непријавување на Рекет

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски истакна дека на денешното рочиште за „Рекет“, се потврдило тоа што тој го тврдел пред неколку месеци дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот Димитров, затоа што почесниот конзул на таа држава бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, со синот на Катица Јанева и останати.

„Драго ми е што вистината излегува на виделина, знаете дека Зоран Заев се закани дека ќе ме тужи за клевета за случајот Рекет. Јас пред неколку месеци на телевизиско соочување, односно дебата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, кажав дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот за надворешни работи, затоа што почесниот конзул на таа држава, за која еве сега е познато името, бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, синот на Катица Јанева и останати. Тоа тогаш беше најостро демантирано од Никола Димитров дека таква работа немало, дека тоа било лага и така натака. Но, пред вистината и Боговите молчат. Еве после неколку месеци во судска постапка се потврдува дека Никола Димитров знаел за рекет и не пријавувал за рекет затоа што е кривично дело, и би сакал да го повикам ЈО и сите останати органи да го повикаат Никола Димитров и да го прашаат зошто не пријавил и соодветно да спроведат кривична постапка против него затоа што затскривање или не пријавување кривично дело е исто така кривично дело. Очекувам прво министерот за надворешни работи да поднесе оставка и потоа кривично да одговара поради тоа што не го пријавил случајот „Рекет““ рече Николовски.

Тој смета дека во судовите има два типа на случаи, едните кои што одат многу споро и други што одат многу брзо.

„Во едните или судијата заборава да закаже рочиште по 90 дена па почнуваат од почеток или вака се донесуваат ослободителни пресуди, а другите гледаме одат по 12 часа на дена, па преспиваат луѓето па продолжуваат утре дента. Во првите има договор со Зоран Заев во вторите нема договор со Зоран Заев. Јас зборував уште минатата година дека постои криминална коалиција, таа криминална коалиција ја гледаме на дело. Интересно е што пред оваа судска одлука имаше изјави на еден од сега веќе ослободените во однос на тоа дека Албанците треба да гласаат директно за СДСМ, а исто така е интересно што еден од членовите на Судскиот совет е сопруга на висок функционер на СДСМ што само потврдува дека се работи за потврда на криминалната коалиција за која што ние зборуваме повеќе од година и пол која што за жал функционира во државата, ја разјадува државата, го разјадува судството и го разјадува владеењето на правото“ вели Николовски.

Треба да знаете
Последни објави