Не знам дали ќе има датум за преговори со Брисел, а таму во ЕУ треба да се усогласат 28 земји членки. И околу новата методологија ќе се усогласат тие, нас никој не не прашува, рече претседателот Стево Пендаровски говорејќи за процесот за добивање датум за почеток на преговори со Брисел на гостувањето на телевизија АлсатМ.
На прашањето дали е во ред што се спомна дека можеби во март ќе има датум за преговори, Пендаровски рече дека тоа се шпекулации.
-Мислам дека во претходниот период грешевме што кажуваваме дека тоа е завршена работа, веројатно и јас сум учествувал во тоа. Еве сега знам од прва рака, претходно сум слушал од други, нема никаква гаранција. Франција има локални избори во март, ако Европскиот совет е закажан за 26 март, ние ќе бидеме во сред наша кампања за избори. Има сили во Европа кои ќе кажат да не се мешаме ние сега, да оставиме да завршат изборите, може во мај да ја донесеме одлуката, истакна претседателот на државата.