Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека руските компании имаат технички капацитети да го комплетираат „Северен тек 2“ ако е потребно, пренесува „Спутник“.
„Нема да ви дадам детали. Но, навистина, постојат одредени капацитети што ни овозможуваат да се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме работата во блиска иднина“, рече Песков.
Тој, исто така, истакна дека колку побрзо заврши проектот, толку подобро.
Рускиот министер за енергетика, Александар Новак, ја повтори изјавата, нагласувајќи дека ако швајцарската компанија „Олсиз“ не е во можност да го заврши проектот, тогаш руските компании имаат ресурси да го завршат поставувањето на гасоводот за неколку месеци.
Изјавата доаѓа кусо откако САД го санкционираа проектот бидејќи, според Вашингтон, „Северен тек 2“ претставува опасност за европската енергетска безбедност. Во исто време, САД ги повикаа европските земји да купуваат американски течен природен гас (LNG), што е значително поскап од рускиот гас.
И германските и руските власти го бранеа „Северен тек 2“ како чисто економски проект, неповрзан со европската политика, ветувајќи дека ќе се справат со унилатералните ограничувања на САД. Европската комисија исто така го критикуваше Вашингтон за обидот да ги казни европските компании за водење легитимен бизнис.
„Северен тек 2“ е заеднички проект за фосилно гориво на руски „Газпром“ и пет европски корпорации – француската ЕНЏИ, австрискиот ОМВ, британско- холандската „Ројал Дач Шел“ и германските „Унипер“ и „Винтершал“.