Седум лица загинаа, а 64 се спасени кога чамец со кој се превезувале мигранти од Пакистан, Бангладеш и Авганистан потона денеска во езерото Ван во источна Турција, соопшти владината канцеларија на провинцијата Битлис.
Чамецот се превртел и потонал како се приближувал до областа Адилкеваз во Битлис, на северниот брег на езерото Ван, се наведува во соопштението на канцеларијата. Несреќата се случила околу 3 часот по полноќ.
Езерото се наоѓа веднаш до границата со Иран, од каде мигрантите редовно преминуваат кон Турција, на пат кон Европа. Не е познато зошто мигрантите биле во чамец во езерото Ван, кое целосно се наоѓа во Турција.
Пет лица биле пронајдени мртви на местото на несреќата, а две починале во болница.
64 лица се спасени и однесени во блиските болници и засолништа.Припадниците на жандармеријата и спасувачките екипи , заедно со полициските нуркачи сè уште трагаат по евентуални преживеани.



