Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими претставници на секцијата на сниматели при Здружението на новинарите на Македонија.
На средбата снимателите го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности на нивната секција, нивната секојдневна работа, како и за предизвиците со коишто се соочуваат во извршувањето на нивната професија.
Снимателите го запознаа претседателот Пендаровски со објавувањето на публикацијата „Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите”, која има за цел да се прикажат проблемите, предизвиците, но и можностите кои ги создава професијата снимател, во контекст на медиумското известување.
Претседателот Пендаровски, поздравувајќи ги активностите на секцијата на сниматели при ЗНМ, изрази уверување дека нивното заедничко делување ќе придонесе за подигнување на свесноста за нивната професија и за околностите при кои таа се извршува.
Снимателите, истакна претседателот Пендаровски на средбата, се важен елемент во работата на медиумите и поради тоа треба да се поддржат напорите за подобрување на условите за нивната работа, заштита на терен, во институциите и надвор од нив.