Сè додека премиерот Зоран Заев не поднесе оставка и не се формира техничка влада изборите можат да се одложат, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
Според Пржинскиот договор изборите се одржуваат 100 дена по формирањето на техничката влада, па тие не можат да се одложат откако новата влада ќе биде изгласана во Собранието. Без Пржински договор изборите ги распишува Собранието 60 дена пред нивно одржување. Овде имаме друга ситуација, техничка влада која треба да ги спроведе изборите. Е сега може да се случи премиерот да не си даде оставка и тогаш нормално дека се одложуваат изборите, рече Џафери.
Џафери планира на 3 јануари-100 дена пред изборите да закаже седница за избор на технички премиер и на нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Сепак, вели, терминот кога ќе се одржи оваа седница зависи од тоа кога сегашниот премиер Зоран Заев би поднел оставка и кога би биле доставени предлозите за нови премиер и двајца министри. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, како и заменик-министри за финансии, земјоделие и информатичко општество и администрација.
Новата техничка влада треба да биде избрана најдоцна до 3 јануари на полноќ.
Џафери кажа дека опозицијата и власта постигнале договор да не се блокираат законите и очекува на утрешната седница тие да се изгласаат. Договор не е постигнат за Законот за одбрана.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека нема намера да поднесе оставка ако опозицијата ги блокира законите кои ќе овозможат повисоки пензии и плати во образованието и здравството.



